„Лајбах“ со класици вечерва во Филхармонија


 
Во 20 часот, во големата сала на Филхармонија, Лајбах во живо ќе ја претстави својата нова концертна програма базирана на култниот албум „Opus Dei, првиот ремастериран албум на групата. Покрај овој материјал, програмата вклучува и селекција од нивните класици и одбрани песни од богатиот опус, вклучувајќи ги и објавените пред „Opus Dei“.
 
Концертот се одржува во рамки на офф-програмата на фестивалот „Таксират“ и е дел од светската турнеја на Лајбах – OPUS DEI REVISITED. Оригинално, Opus Dei е објавен во 1987 година како прв албум на групата за издавачката куќа „Mute“, миксиран од Рико Конинг (Wire, Pere Ubu, Swans, William Orbit) и е албум со кој Лајбах се појави под светлото на мејнстрим рефлекторите, албум со кој стекна слава и стана еден од меѓународно најпризнатите бендови кои се појавиле од поранешните комунистички земји во источна и централна Европа. Со своето дело ЛАЈБАХ успеа да го трансформира пејзажот на современата музика комбинирајќи го политичкиот дискурс со уметноста и музиката, додека пак нивните настапи во живо важат за уникатно доживување и секогаш прецизни, монументални, восхитувачи и бескомпромисни перформанси!
 
Последните останати влезници за концертот на Лајбах во Филхармонија се достапни онлајн и во продажните места на МкТикетс.