Лагите што го заразија Трамп


ЏЕФРИ САКС

Тешко е да се знае дали инфекцијата со Ковид-19 на Трамп ќе предизвика повеќе Американци да се разбудат од реалноста на јавното здравје и климатските промени

 

За разлика од десетици милиони луѓе ширум светот кои се заразија со Ковид-19 поради нивната сиромаштија, лоша среќа, ранливост како обични работници или лошите одлуки на креаторите на политиката, инфекцијата на американскиот претседател Доналд Трамп е негова сопствена одлука. Презирот на Трамп кон науката и неговото дрско непочитување на советите за јавно здравје доведоа директно до неговата болест; далеку полошо, тие го зголемија растечкиот број на жртви во Америка од Ковид-19 – сега повеќе од 210.000.

Од почетокот на пандемијата, експертите за јавно здравје ширум светот ја молеа јавноста да носи маски за лице, да избегнува големи собири и да одржува физичко растојание, со цел да се запре пренесувањето на вирусот. Оставете му на Трамп, човек со патолошка природа, да ги отфрли сите вакви совети. Едвај два дена пред да објави дека тој и првата дама биле позитивни на тестот, Трамп го исмеваше Џо Бајден дека носи маска. „Јас не носам маска како него“, рече Трамп на првата претседателска дебата. „Секој пат кога ќе го видите, тој добива маска. Можеше да зборува на 200 метри оддалеченост… и се појавува со најголемата маска што сум ја видел“.

Одбивајќи ги апелите на јавните здравствени експерти и локалните официјални лица, Трамп одржуваше големи митинзи и во затворени простории и на отворено во последните месеци, а присутните немаскирани стоеја близу еден до друг. И Трамп ги отфрли основните мерки на претпазливост во Белата куќа, вклучително и физичко дистанцирање на персоналот и барање маски за лице на состаноците.

Со несовесноста Трамп не само што се изложи себеси, сопругата и придружбата на Ковид-19; исто така тој ги охрабри неговите приврзаници низ Америка да се потсмеваат на предупредувањата на јавното здравство и да им се закануваат на експертите за заразни болести, придонесувајќи на тој начин во ширењето на болеста. На многумина Американци им недостасува основна научна писменост и лесно се колебаат и охрабруваат од манипулатори како Трамп и неговите сојузници во Фокс њуз. Трамп не само што блокираше ефективен федерален јавен здравствен одговор, туку поттикна опасно однесување од неговите следбеници на национално ниво.

Како и другите светски лидери кои се заразиле со Ковид-19, Трамп лесно можеше да избегне да се инфицира со почитување на нормалните мерки во јавното здравство. Не случајно се инфицираат популистички политичари од калапот на Трамп, особено премиерот на Велика Британија, Борис Џонсон и бразилскиот претседател Жаир Болсонаро. Како Трамп, и Џонсон и Болсонаро систематски ја минимизираа заканата од пандемијата и дрско се пофалија со рутински јавни здравствени мерки. И, како Соединетите Држави, Велика Британија и Бразил се меѓу најтешко погодените земји во светот, со стапка на смртност од Ковид-19 од 647 на милиони жители во САД, 687 во Бразил и 623 во Велика Британија, во споредба со глобална просечна стапка на смртност од 133 на милион.

Се разбира, анти-науката на Трамп има подлабоки корени во неодамнешната американска политика и култура. Се вклопува во две цели на модерната Републиканска партија да се врати кај Роналд Реган. Првиот е да се мобилизира белата, евангелистичка христијанска база на републиканците. Нивното одбивање на науката е вкоренето во буквалното толкување на Светото писмо – верување познато како библиска непогодност.

Втората, поврзана причина е силниот анти-екологизам на модерната Републиканска партија, која раскошно е финансирана од Големата Нафта и Големиот Јаглен со децении во замена за активности за блокирање и пресврт на регулативите насочени кон зачувување на животната средина и безбедноста на климата. Не случајно Трамп не само што ја отфрла основната наука за контрола на Ковид-19, туку а отфрла и основната климатска наука дури и среде ужасните пожари што беснеат на западот на САД. Исто како што изјави дека вирусот едноставно ќе исчезне, тој неодамна вети дека глобалното затоплување магично ќе престане: „Ќе започне да станува постудено. Само гледајте“.

Болсонаро е речиси клон на Трамп во овој поглед. Со својата база на христијански евангелисти и неговиот радикален анти-екологизам, отфрлање на климатската наука и политики кои ја фаворизираат нафтената индустрија во Бразил, тој управува на ист начин.

Но, Трамп не претставува отстапување од политиките на републиканците во овој поглед. Пред четврт век, Њут Гингрич, како републикански претседател на Претставничкиот дом на САД, принуди да се затвори канцеларијата за проценка на технологијата во Конгресот, која им даваше научни и технолошки насоки на членовите на Конгресот. Целта на Гингрич беше да спречи науката за животната средина да ги информира регулативите што влијаат врз индустриите што ја поддржуваат Републиканската партија.

Анти-научната агенда на Трамп го загрози целиот свет. Под негова администрација, САД се повлекоа од Парискиот договор за климата и Светската здравствена организација, со што ја фрустрираа глобалната борба против климатските промени и против Ковид-19. Наместо да се справат со глобалните кризи врз основа на научни докази, Трамп и неговиот евангелистички државен секретар Мајк Помпео се обидоа да започнат христијанска крстоносна војна против Кина.

Тешко е да се знае дали инфекцијата со Ковид-19 на Трамп ќе предизвика повеќе Американци да се разбудат од реалноста на јавното здравје и климатските промени. Вистината е тепана долго и тешко од страна на Републиканската партија и нејзините сојузници. Фокс Њуз, евангелското верување во библискиот буквализам и корпоративната пропаганда и придонесот за кампањата длабоко ја поткопаа склоноста на Америка да ги заснова политиките на наука и докази, а не на лаги.

Се надевам дека Трамп ќе се опорави од својата болест. Но, бидејќи тоа нема да ѝ помогне на Америка да се опорави од неговото погрешно владеење, се надевам и дека Бајден ќе извојува убедлива победа на изборите следниот месец. Во тој случај, Трамп најверојатно ќе ја помине 2021 година разгледувајќи, под заклетва, на многу поинаков вид докази, во врска со обвиненија поврзани со неговата банка и измама за осигурување, кои сега ги испитуваат обвинителите во Њујорк.   (Проект синдикејт)

(Џефи Сакс, професор за одржлив развој и менаџмент на Универзитетот Колумбија, е директор на Мрежата за решенија за одржлив развој на ОН. „Независен“ е дел од мрежата на „Проект синдикејт“)