Лаги или правење концесии – СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во вербална војна за пописот
Иако Законот за попис помина во Собранието, политичките препукувања меѓу власта и опозицијата околу него не престануваат и денес. ВМРО-ДПМНЕ и натаму тврди дека пописот ќе биде фалсификат, додека СДСМ им порачува на граѓаните да бидат спокојни бидејќи опозицијата не успеала да ја блокира оваа важна статистичка опреација што не враќа на листата на нормални држави.
-СДСМ и Заев не сакаат попис според европски стандарди и ЕУРОСТАТ регулативи, туку сакаат фалсификат попис со што би се исполниле нечии политички концесии. Власта на чело со СДСМ и Зоран Заев во Собранието на шверцерски начин, со европско знаменце протнаа закон за попис на населението и домаќинствата, спротивен на европските стандарди и регулативите на ЕУРОСТАТ. И се на штета на граѓаните на Република Македонија, за која подоцна СДСМ и нивните партнери ќе треба да одговараат.
СДСМ и Заев не сакаат попис кој што ќе биде признаен од сите фактори во државата, туку сакаат нереален попис – попис според она што се договарал со своите коалициони партнери. Според тоа, Заев на сила протурка закон во Собранието без јавни дебати и дискусии и од обична статистичка операција, пописот на населението и домаќинствата го претвори во политичка операција.
Јавноста е сведок за тоа како, иако пописот се уште не спроведен, се лицитира со бројки, проценти и конечни резултати. Тоа е доказ дека СДСМ и Заев не сакаат статистички попис како во секоја нормална европска држава, туку сакаат попис со што би се исполниле нечии политички концесии. Тие во Собрание изгласаа закон за нереален попис, без претходно утврдена методологија. Попис кој нема да потврди кој е резидент, односно жител во Македонија, а кој не е и е само државјанин на Република Македонија. И сето тоа само дополнително ќе создаде конфузија и ќе даде искривена слика за статистичката состојба во државата, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ кој повторно најавува дека ќе собира потписи за укинување на „ овој озаконет фалсификат“.
–Усвојувањето на Законот за попис на населението од страна на мнозинството во Собранието предводено од СДСМ го отвори патот за одржување на оваа најобемна статистичка операција во државата по цели 19 години.Државата, институциите, пред се Државниот завод за статистика, се подготвени и имаат капацитет да спроведат и ќе спроведат попис оваа пролет, согласно сите меѓународни стандарди и согласно прописите на Евростат.Граѓаните треба да бидат спокојни и да им веруваат на институциите, бидејќи пробниот попис веќе беше поздравен од Европската комисија.
Пописот ќе даде целосни, квалитетни и релевантни податоци кои се важни за натамошно креирање и реализирање на долгорочни политики и стратегии за развој на државата.
Одново се поразени деструкциите на антидржавното ВМРО-ДПМНЕ предводено од докажаниот губитник Христијан Мицкоски.Не успеаја нивните обиди да се блокира носењето на овој важен закон, не успеаја обидите државата да остане без оваа важна статистичка операција, попис оваа пролет ќе има.Партизирањето на пописот е штетно и целосно непотребно, бидејќи тоа е статистичка операција, неопходна за да се планира развојот на државата, возвратија од СДСМ.