Лаги и закани поттикнати од Трамп и Маск ги следат изборите во САД


Американците денес излегоа на гласање в во позадина на дезинформации  за кои постои сомневање дека потекнуваат од Русија, откако ФБИ предупреди на лажни видеа и неверодостојни закани за тероризам кои имаат за цел да ги попречат претседателските избори во САД и да го обесхрабрат гласањето.

Овие тензии ги поттикнаа поддржувачите на Доналд Трамп и самиот поранешен претседател, како и Илон Маск, најбогатиот човек на светот и најгласниот сурогат на Трамп, да постираат  видео со поддршка што се чини дека упатува на екстремно десничарската идеологија QAnon.

Видеото, на кое се прикажани снимки од бунтот на 6 јануари и како саундтрак се слуша  песната на Ван Хален дојде по претходна објава на социјалните мрежи на претприемачот во која се повторуваат елементите на разоткриениот заговор  Pizzagate од претседателските избори во 2016 година.

„Доаѓа чеканот на правдата“, гласеше тој претходен пост.

Поплавата од невистини ја потхрани Трамп во вторникот со лажно тврдење дека има „големо водство“ во анкетите, притоа фрлајќи сомнеж во веродостојноста на гласачките машини. Откако веќе неосновано тврдеше дека имало „мамење“ на демократите во Пенсилванија, републиканскиот кандидат рече дека е „срамота“ што требало толку долго да се пребројат гласовите во сојузните држави.

Поранешниот претседател, исто така, си зеде слобода да објави видео кое очигледно се однесува на трансродовите боксери, на кое беше прикажан Трамп како се жали дека „мажите можат да тепаат жени и да освојуваат медали“ – како пример за тоа како американските вредности пропаднале под претседателството на Џо Бајден, кого го поврза со Камала Харис.

Дезинформациите и лажните изјави од кампањата на Трамп дојдоа откако гласањето во една клучна држава на бојното поле, Џорџија, веќе се соочи со прекин по, како што изгледаше, лажни закани за бомби на најмалку две избирачки места.Според полицијата на округот Фултон, заканите биле упатени кон избирачките места во центарот на заедницата Етрис и основното училиште Гулат во Јунион Сити, на периферијата на Атланта. Според американското биро за попис, населението на Унион Сити е скоро 90% црно, што ги подгрева сомнежите дека заканите имале за цел да ја нарушат групата која главно се очекува да гласа за Харис.Бред Рафенспергер, републиканскиот државен секретар на Џорџија, изјави за новинарите дека „неверодостојните“ закани доаѓаат од Русија.

„Го идентификувавме изворот, а тој беше од Русија“, рече тој, велејќи дека верува оти изворот бил руска фарма на тролови.

„Изгледа дека се подготвени за зло и не сакаат да имаме мирни, фер и точни избори“, додаде тој. „Сè што може да не натера да се бориме меѓу себе – тие тоа може да го сметаат за победа“.

Заканите за бомби уследија по предупредувањето од Канцеларијата на директорот на националното разузнавање во понеделникот дека Русија, Иран и Кина се вклучени во напорите за нарушување на изборите, но дека Русија е „најактивната закана“.

„Влијателните актери поврзани со Русија особено произведуваат видеа и создаваат лажни написи за да ја поткопаат легитимноста на изборите, да влеат страв кај гласачите во однос на изборниот процес и да сугерираат дека Американците користат насилство едни против други поради политички преференци, судејќи според достапните информации до разузнавачката заедница“, се вели во соопштението.

„Овие напори ризикуваат да поттикнат насилство, вклучително и против изборните службеници. Очекуваме дека руските актери ќе објават дополнително произведена содржина со овие теми до денот на изборите и во деновите и неделите по затворањето на гласачките места“.

Во согласност со таа изјава, ФБИ во вторникот отфрли видео – направено да изгледа како клип од вести и наводно кое доаѓа од бирото – во кое се советуваат Американците да „гласаат од далечина“ поради „висока терористичка закана“ на избирачките места.

„Ова видео не е автентично и точно не ја претставува моменталната состојба со заканите или со безбедноста на локациите за гласање“, соопшти ФБИ. Исто така, отфрли посебно видео кое лажно прикажува политичко местење на гласањето меѓу затворениците.Во соопштението, ФБИ рече дека има „два случаи кога неговото име и ознаки биле злоупотребени во промовирање лажни наративи околу изборите“.

Второто видео содржи лажно соопштение за печатот на ФБИ во кое се тврди дека службеници во пет затвори во во Пенсилванија, Џорџија и Аризона фалсификувале гласање меѓу затворениците и правеле заговор со политичка партија. „Ова видео исто така не е автентично, а неговата содржина е лажна“, соопшти ФБИ.

Изборните службеници сепак соопштија енес дека процесот на гласање се одвива без проблеми, дури и со проблемите предизвикани од неверодостојни закани за бомби од Русија и лошите временски услови.Неколкуте закани за бомби на неколку избирачки места во Мичиген и Џорџија предизвикаа одложување на гласањето бидејќи безбедносните службеници ги расчистуваа локациите. (Гардијан)