Лагард: Вредноста на криптовалутите е ништо
Претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ) Кристин Лагард верува дека криптовалутите се безвредни.
– Моја многу скромна проценка е дека не вредат ништо, изјави Лагард за криптовалутите во интервју за холандската емисија „College Tour“, која се емитуваше во неделата, пренесува CNBC.
„Нема основни средства што би дејствувале како сидро на безбедноста, додаде таа.
Лагард ги повика глобалните креатори на политики да воведат правила за заштита на неискусните инвеститори кои инвестираат во дигитални средства. Криптовалутите, особено биткоинот, годинава изгубија повеќе од половина од својата рекордна вредност што ја имаа во ноември 2021 година.
„Загрижена сум за оние луѓе кои мислат дека на крајот ќе бидат наградени, кои не ги разбираат ризиците, кои сето тоа ќе го изгубат и кои ќе бидат страшно разочарани, поради што верувам дека треба да се регулира“, рече Лагард.
Скептицизмот на поранешниот шеф на Меѓународниот монетарен фонд кон криптовалутите не е нов. Таа претходно изрази загриженост поради влијанието на дигиталните валути врз животната средина, како и нивната потенцијална употреба во перење пари и избегнување санкции.
Нејзините најнови коментари доаѓаат во време на засилено истражување на пазарот на крипто, бидејќи регулаторите реагираат на последиците од колапсот на terraUSD, контроверзниот таканаречен stabilcoin кој секогаш требаше да вреди 1 долар, пишува CNBC.
Неколку централни банки работат на сопствени виртуелни алтернативи за готовина како одговор на брзиот раст на дигиталните валути – ЕЦБ е една од нив. Дигиталното евро би било „многу различно“ од приватните криптовалути, рече Лагард.