Лабораторијата за радијациона физика при ФЕИТ доби нова опрема, ќе се користи за врвни научни истражувања


Лабораторијата за радијациона физика (РАД-ЛАБ) при Факултетот за електротехника и информациски технологии се дополни со нова апаратура за електронска парамагнетна резонанција, единствена во Македонија. Оваа лабораторија, која почна со опремување пред десетина години и чија вредност изнесува околу милион евра, веќе е акредитирана за испитување храна третирана со јонизирачко зрачење и мерење на доза кај професионалците изложени на јонизирачко зрачење во медицината и индустријата.

Деканот на Факултетот за електротехника и информациски технологии, проф. д-р Владимир Атанасовски нагласува дека станува збор за уште една успешна иницијатива на Факултетот, која овозможи етаблирање на сосема нова лабораторија финансирана од неколку проектни програми.

„РАД-ЛАБ е континуитет на Центарот за сончеви технологии и Лабораторија за детекција на храна третирана со јонизирачко зрачење. Таа е набавена од неколку меѓународни проекти од програмите на Хоризонт 2020 на Европската комисија, Меѓународната агенција за атомска енергија при Обединетите нации, Министерството за образование и наука со поддршка од ФЕИТ. Овие проекти овозможија тимот од РАД-ЛАБ да воспостави меѓународна мрежа од околу стотина врвни научни институти и универзитети ширум светот. Работиме да ја зајакнеме оваа соработка и заедно со македонските компании да аплицираме на нови проекти од меѓународни фондови“, вели проф. Атанасовски.

Професор д-р Христина Спасевска, раководител на РАД-ЛАБ, објаснува дека современата софистицирана апаратура и развиените методи може да се користат за врвни научни истражувања, апликативна соработка со македонските компании и институции, стекнување практични знаења кај студентите, но и дообука на веќе дипломираните инженери.

„Новата опрема за електронска парамагнетна резонанција, единствена во Македонија, е комплементарна на постојните луминисцентни техники во РАД-ЛАБ, со што се заокружуваат нашите методи за испитување на материјали и системи изложени на сончево или јонизирачко зрачање. Така РАД-ЛАБ веќе пет години е носител на националната мониторинг програма за храна третирана со јонизирачко зрачење и прави дозиметриски мониторинг во неколку здравствени установи. Во изминатиот период е развиена и платформа за учење на далечина на која се поставени курсеви во областите на сончевите технологии, поконкретно топлинските колекторски и фотоволтаични системи. Со обуки на платформата и преку процес на препознавање на претходни знаења и вештини се сертифицираат инженери и студенти, стекнувајќи се со дигитален беџ за одржливи енергетски вештини“, вели проф. Спасевска.

Преку оваа акредитирана лабораторија науката дава целосна поддршка на потребите на стопанството, соработувајќи во развојни проекти и научни истражувања.