Квизови, осумнасочници, видеа, слики содржат дигиталните учебници за четврто, петто и шесто одделение


Фото: Независен

Дигитализацијата на образованието стигна во Македонија. Денеска, беа презентирани новите дигитални интерактивни учебници за четврто, петто и шесто одделение. Тоа се истите учебници кои веќе ги има во печатена верзија, но и како ПДФ формат на е-учебници, но сега се збогатени со дополнителни прашалници, квизови, работни и наставни листови, видеа, фотографии. Од помош треба да се за наставниците, но и интересни за учениците кои се родија во едно напреден дигитален свет.

Во една лекција поместени се дури 12 дигитални алатки, обележани со посебна иконка, па учениците ќе можат да ги користат да појаснат некои работи или да си го проверат знаењето. Дополнително, со еден клик, целата содржина на учебникот може да се прилагоди за деца кои се дислексичари. 

Алатката се наоѓа на nastava.mk, каде може да се регистрираат учениците, наставниците и родителите, кои ќе имаат увид во работатат на ученикот. Оваа нова алатка, помага и во одржувањето на наставата, да се држи вниманието на учениците, особено ако училницата е опремена со паметна табла или пак ученикот пред себе има таблет. Алатката е достапна на пет јазици, македонски, албански, турски, српски и босански. 

Конечно, македонското образование заличува на современо. Децата нема да ја тргаат главата на страна и да губат интерес за дигиталниот учебник, кога со два клика ќе сфатат дека учебникот е ист како печатениот само се наоѓа на екран. 

Учебниците содржат многу мултимедијални елементи како видеа, слики, илустрации, квизови и слични содржини кои, докажано го прават учењето да биде интересно за младите, информира министерот за образование Јетон Шаќити.

Тој на денешната промоција на овие дигитални учебници истакна дека не станува збор за замена за печатените учебници, туку дека се дополнителна опција која ќе има за цел да го олесни процесот на стекнување знаења.

– Северна Македонија ги има првите дигитални интерактивни учебници, изработени за учениците од четврто, петто и шесто одделение. Тие се достапни на посебна онлајн платформа – nastava.mk и официјално можат да се употребуваат, не како замена за печатените учебници, туку како една дополнителна опција која може да им го олесни процесот на стекнување знаења. Достапни се во секое време и на секое место каде има пристап до интернет мрежа, а секој ученик сам ќе може да одлучи дали ќе користи дигитален или пак печатениот учебник кој го добил во училиштето. Или комбинирано, појасни министерот.

Фото: Б. Богдановска

Додаде дека веќе е тестирана примената на дигиталните интерактивни учебници во повеќе училишта и дека реакциите на учениците и наставниците биле исклучително позитивни.

-Јасни се придобивките и за едните и за другите. За наставниците поедноставна подготовка за часот. За учениците полесно пронаоѓање на потребните содржини во секој момент, полесно меморирање податоци и совладување на материјата, достапност на учебникот во секое време и така натаму. Ова е прва фаза од целиот процес која ја реализиравме заедно со една издавачка куќа одбрана преку постапка за јавна набавка (издавачката куќа „Тримакс“), а во иднина како ќе се изработуваат нови наставни програми и нови печатени учебници за погорните одделенија, така тие ќе добиваат и своја квалитетна дигитална верзија – рече Шаќири.

Тој вели дека дигитализација на учебниците од пониските одделенија нема да има.

-Не се одлучивме за дигитализација на учебниците од пониските одделенија. Ги почитуваме педагошките препораки, бидејќи тоа е периодот за развој на однос на децата кон книгата и пишаниот збор – рече Шаќири.

Планирано е дигиталните учебници да бидат во функција за половина од училиштата на почетокот на второто полугодие, а останатите ќе се приклучат до крајот на февруари. 

Засега, дел од наставниците поминале обука, а на нив им се претставени можностите на новите дигитални учебници, односно 12 пилот-училишта, а другите ќе бидат запознати во следниот период. 

Во однос на проблемот со учебниците по историја и општество, министерот рече дека на почеток на јануари ќе достави до Влада предлог измени на Законот за учебници во основно и средно, според кои во ситуации кога нема пријавени рецензенти или рецензенти кои не постапуваат до крај, во тој случај да може Министерството да го вклучи Бирото со ресурсите со кои располага.