СДСМ ги поддржува телевизиите, институциите да ги испитаат сомнежите за Euronews и „Ало“ 


СДСМ соопшти дека во целост ги поддржува барањата на националните телевизии и јавниот сервис, кои, според партијата, предупредиле на сомнежи околу влегувањето на српски медиумски структури во Македонија и побарале надлежните институции да постапат.

Портпаролката и членка на Извршниот одбор на СДСМ, Богданка Кузеска, оцени дека случајот мора целосно да се истражи и да се утврди евентуална одговорност. 

„Мора да се истражи во целост и да се утврди одговорност!“.

Од СДСМ тврдат дека случувањата се потврда на нивните претходни предупредувања за растечко политичко и медиумско влијание од Србија.

Партијата конкретно ги споменува Euronews и „Ало“, тврдејќи дека се подготвува нивно влегување на македонскиот медиумски пазар на начин што, според СДСМ, отвора сомнежи за заобиколување на законите.

Кузеска се повика и на предупредувања од националните телевизии и Македонската медиумска асоцијација, за кои рече дека располагаат со материјални докази дека одредени канали подолго време работеле без домашна дозвола. 

Тревога во МРТ: Српските медиумски сервиси на македонски работат без дозвола, АВМУ молчи

Според СДСМ, истиот модел сега се подготвува и со Euronews Македонија и со влегувањето на „Ало“ групацијата.

Партијата ова го поврзува со поширока политичка теза за јакнење на влијание поврзано со владејачката структура во Србија и со концептот на таканаречен „српски свет“.

Во соопштението има и сериозни политички обвинувања кон премиерот Христијан Мицкоски, кого СДСМ го обвинува дека спроведува политики „по рецептот на Вучиќ“ и дека дејствува во интерес на српска и руска агенда насочена кон задржување на Македонија надвор од ЕУ.

АВМУ демантира дека постапува незаконски за програмските сервиси Arena M1, Arena M2 и Arena M3 Premium

Од партијата ја споменуваат и АЛТА банка, наведувајќи дека веќе влегла во македонскиот банкарски сектор. СДСМ дополнително тврди дека средства од сметки на јавни претпријатија и државни институции се префрлаат во банката и дека таа на тој начин остварува профит што, според партиската теза, понатаму може да се користи за финансирање медиуми.

И ова тврдење е изнесено како политички навод на СДСМ и во соопштението не се приложени финансиски документи што би го потврдиле конкретниот тек на средствата.

Партијата дополнително предупредува дека се отвора простор и за влез на АЛТА осигурување, а целата тенденција ја опишува како комбинација од „медиуми, банки, осигурување, капитал и влијание“.

Кузеска тврди и дека конечната цел е контрола врз информациите што стигнуваат до граѓаните и намалување на критиката кон власта. За тоа се задолжени Драган Павловиќ Латас и Ивона Талевска. 

„Да нема критика. Да нема прашања. Да нема одговорност. Да има само пропаганда“, порача таа.

СДСМ ги повика медиумите, невладините организации и интелектуалците заеднички да се спротивстават на, како што ја нарекуваат, заканата од медиумска и политичка зависност.

„Ова е прашање што ги надминува партиските поделби. Ова е прашање за слободата на медиумите и за демократска Македонија“, велат од партијата.