Тревога во МРТ: Српските медиумски сервиси на македонски работат без дозвола, АВМУ молчи
Асоцијацијата ММА и МРТ велат дека спортските програми на Арена на македонски разботат без дозвола и дека такво изигрување на законот може да биде применето и за најавениот Еуроњуз Македонија
Националните радиодифузери членки на ММА и јавниот сервис МРТ се сериозно вознемирени од индициите дека со работењето на неколку нови телевизиски сервиси кои се креирани од српски компании блиски до државата и се заобиколуваат и злоупотребуваат македонските закони.
ММА и МРТ во соопштение велат дека имаат материјални докази оти спортските канали Арена M1, M2 и M3 Премиум подолг период работат без домашна дозвола, а „нашиот регулатор АВМУ на волшебен начин ги третира како странски програмски сервиси кои се реемитуваат во Македонија, иако продукцијата, новинарите, коментаторите и гостите се во Скопје, студиските емисии се произведуваат тука, а програмата се емитува на македонски јазик“.
Во евиденцијата на српскиот регулатор РЕМ каналите Арена M1, M2 и M3 Премиум не постојат, што значи не се домицилни, српски канали. Истовремено, во операторските евиденции одобрени од АВМУ овие канали се водат како странски сервиси кои емитуваат програма на српски јазик!
ММА и МРТ бараат органите на истрагата како и референтните институциите да утврдат дали со ваквото постапување е заобиколена законската обврска за дозвола, дали е причинета штета на буџетот со неплаќање на лиценца и дали постои одговорност кај сопствениците, одговорните лица на ТВ сервисите како и кај службениците на АВМУ.
ММА и МРТ велат дека нема да дозволат истиот модел на евентуалното изигрување на законот да биде применет и за најавениот Еуроњуз Македонија, односно АВМУ да го третира како странски сервис на начин сличен на Арена Премиум каналите, како што најавуваат нивните сопственици и структури од Белград.
„Беззаконието кое денес се толерира како исклучок, утре може да стане правило. ММА и МРТ ќе поднесат соодветни поднесоци до Јавното обвинителство и МВР за да се испита постапувањето и евентуалната одговорност на надлежните лица во АВМУ“, се вели во соопштението.
Реагираше и опозициската СДСМ, велејќи дека со заедничкото соопштение на ММА и МРТ се потврдувало она што партијата го зборувала повеќе месеци. „Операцијата за медиумски мрак по рецептот на Вучиќ власта на Мицкоски ја спроведува и во Македонија. Влегува српската медиумска машинерија во Македонија и тоа на сомнителен начин со заобиколување и злоупотреба на македонските закони. За ова сериозно прашање денеска алармираат и националните телевизии и јавниот сервис МРТ“.
Оваа операцијата е за градење структура која треба да ја зајакне веќе постоечката Орбанова медиумска мрежа во Македонија. СДСМ во целост ги поддржува баарањата на телевизиите кои јавно предупредија дека нема да го дозволат и побараа институциите да утврдат одговорност.