Курти провоцира конфликт: Вооружени косовски полицајци упаднале во Србија
Српското Министерство за одбрана извести дека група тешко вооружени припадници на косовската полиција неовластена ја преминале административната линија меѓу Косово и Србија и влегле во централна Србија, пренесуваат српските медиуми.
„Станува збор за уште еден свесен и планиран обид за предизвикување инциденти и кршење на договорот од страна на привремените приштински институции на чело со Аљбин Курти. Министерството за одбрана бара од КФОР, како единствена легална и легитимна воена сила на подрачјето на Автономната покраина Косово и Метохија, да преземе мерки во согласност со својот мандат и да ги спречи привремените приштински власти во обидите за предизвикување ескалација на насилствата во нашата јужна покраина“, се наведува во соопштението.
„Наредбата на Албин Курти припадници на таканаречената косовска полиција да ја преминат административната линија претставува опасна провокација и закана за мирот. Единиците на војската на Србија во копнената зона на безбедност ја следат состојбата на теренот и се спремни да реагираат во согласност со одредбите на Воено-техничкиот договор“, се истакнува во соопштението.
Претседателот на Србија Александар Вучиќ ја коментираше за РТС оваа информација.
„Курти тоа го наредил намерно, очекувал овие лица да бидат ликвидирани и тоа да биде причина за вовлекување на НАТО во конфликт со Србија“, порача тој, додавајќи дека не очекува реакција од КФОР.
„Не очекувам никаква реакција, освен од Американците. Американците знаат дека Курти тоа намерно го наредил“ , наведе Вучиќ.
Тој најави дека Србија следниот пат ќе реагира во согласност со правилата на службата.
„Следниот пат ние ќе реагираме во согласност со правилата на службата, но бараме од Американците да нè известат дали сме во право кога велиме дека Курти лично ја наредил провокацијата и упадот на своите оружени сили на територијата на централна Србија“, кажа српскиот претседател.