Курти одобрува девојчињата да носат шамии на училиште


Косовскиот премиер, Албин Курти вели дека во Косово не треба да има забрана на шамиите и на другите верски елементи во јавниот живот на граѓаните. Сепак Курти смета дека прагот за дозволување на носење на шамиите во училиштата треба да биде 16 години.

„Мој став е дека не треба да има забрана на шамиите и на другите верски елементи во јавниот живот на граѓаните, туку треба да имаме слобода во тој поглед. Меѓутоа, исто така сум кажал и порано дека 16-годишната возраст треба да биде прагот, и таа возраст ја гледаме како праг за многу други работи“, рече Курти во обраќањето пред новинарите по денешната посета на Царините на Косово.

Косовскиот премиер смета дека и возраста на која лицата ќе се стекнат со право на глас треба да биде 16 години.

„Со оглед дека можеш да добиеш лична карта на 16-годишна возраст, ако системот ти дозволува венчавање на 16 години, со оглед дека просечната возраст е 35 години и две третини од населението се под 35 години, мислам дека во иднина не би било лошо и возраста за право на глас да биде 16 години“, изјави Курти.

Во косовската јавност во тек е обемна дебата околу тоа дали треба на девојчињата и девојките да им се дозволи носење шамии на училиште, а во социјалните мрежи е покрената голема кампања со барање да се укине административната одлука која е во сила и која тоа го забранува.