Купот на Македонија во ракомет ќе стартува со големо дерби – одредени полуфиналните двојки


Годинешното издание на завршниот турнир од Купот на Македонија во ракомет ќе стартува со големото дерби меѓу Вардар и Алкалоид,  натпревар кој ја отвора полуфиналната програма во салата „Билјанини извори“ во Охрид.

Првата полуфинална пресметка ќе се игра на 31 мај со почеток од 17:00 часот, додека вториот полуфинален натпревар, во кој ќе се сретнат Еурофарм Пелистер и домаќинот Охрид, е закажан за истиот ден од 19:30 часот. Финалето на турнирот е закажано за 1 јуни во 17:30 часот.

Алкалоид влегува како актуелен освојувач на трофејот и ќе има можност да ја повтори минатогодишната приказна, тогаш токму во полуфиналето го совлада Вардар, а во финалето беше поуспешен од битолскиот состав, освојувајќи го првиот трофеј во својата историја.

Голема е и спортската и емоционалната тежина на турнирот, со оглед дека четирите најдобри македонски екипи влегуваат во завршницата со високи амбиции и желба за титула. Очекувањата се за жестоки битки и неизвесни пресметки во „Билјанини извори“.