Кумановци собраа 247.218 парчиња отпад преку повратните вендинг машини на „Пакомак”


 Над седум илјади килограми отпад  се собрани и одложени во општина Куманово, а граѓаните собраа и одложија скоро 250.000 пластични шишиња и лименки, соопштија денеска надлежните од општината.

Жителите на Општина Куманово покажаа грижа за животната средина со тоа што во изминатите две години се собрани и правилно одложени дури 7.172 килограми отпад. Според податоците што ги обезбеди „Пакомак“, во локалната самоуправа се собрани и одложени 247.218 шишиња и лименки преку ПВМ, Куманово се наоѓа меѓу десетте општини со најголем број собрани парчиња отпад во државава. Куманово ја доби својата прва повратна вендинг машина (ПВМ) за одложување на отпад во 2023 година и оттогаш граѓаните ја користат, што придонесува за поставување на уште неколку вакви машини на повеќе локации во општината. Поставувањето на повратни вендинг машини е поддржано од Швајцарската амбасада заедно со „Пакомак“ инвестираат во подобрување на отпадната инфраструктура и во зајакнувањето на еколошките практики во земјава.

„Зелените поени“ на „Пакомак“ се добиваат за секое одложено шише или лименка, а потоа преку различни опции на апликацијата ЕкоМак, корисниците можат да одберат на што ќе ги потрошат: плаќање сметки, комунални трошоци, донации и слично. Локалната самоуправа дава голем поттик за граѓаните, со тоа што ги финансира „зелените поени“, на тој начин зголемувајќи ја нивната вредност. Ова придонесува за поголем интерес на граѓаните и значително зголемување на бројот на корисници во однос на општините, кои не ги финансираат поените. Моментално на територија на општина Куманово регистрирани се 1.193 корисници, чија бројка се зголемува.

-Вложувањето напор, време и средства за подобрување на отпадната инфраструктура во Општина Куманово навистина вродува со плод. Тоа се забележува не само во почистата околина, туку и во нивото на свеста за еколошките теми, кое постојано расте. Благодарност до „Пакомак“, но и до граѓаните, кои покажуваат дека се подготвени и имаат волја да направат нешто добро за својата општина, изјави градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски.

Општина Куманово апелира до сите граѓани да внимаваат каде го одложуваат отпадот и да бидат сигурни дека ќе заврши на вистинско место.