Кумановци повторно на протест: бараат јавна средба со премиерот за даноците од 2020
Кумановците кои пред години работеа во Ирак и Авганистан денеска пак излегоа на протест пред седиштето на Управата за јавни приходи во градот. Тие побараа јавна средба со премиерот Христијан Мицкоски, директорката на УЈП Елена Петрова и градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски.
Тие нагласија дека веќе имале неформална средба со премиерот и со директорката Петровa, но нивните барања биле одбиени.
„Фирмите за кои работевме ни пратија документи дека платиле 15 проценти данок во Ирак, тие не ги прифаќаат и бараат да одиме во Ирак да земеме официјални документи од ирачката власт. Таму ни кажаа дека како странски државјани не смеат да ни дадат таков документ. Процедурата е многу сложена, бараме Министерството за надворешни работи, Владата, по официјални и службени канали да ни ги обезбедат тие документи“, изјави Жикица Миланов, учесник на протестот, пренесува порталот „Кумановски муабети“.
Зоран Наковски, во име на учесниците на протестот вели дека на неформалната средба им било ветено дека во секоја подрчана единица ќе се отвори канцеларија со тимови обучени за нивниот проблем.
„Ни ветија дека ќе бидат сослушани сите граѓани, не само на Куманово, туку низ цела Македонија, дека ќе го пролонгираат ова до 31 мај, дека ќе ни бидат признаени сите докази што ги носиме, но сето тоа падна во вода. Секојдневно носиме во УЈП дали лично дали по електронска пошта и имаме само негативни одговори дека тие докази не се прифатени“, изјави Наковски.
Сега бараат средбата да биде јавна, во присуство на медиумите, на која ќе разговараат за нивните барања.
Досега се одржаа два протести пред Управата за јавни приходи во Куманово од каде печалбарите од Блискиот исток побараа да бидат ослободени од плаќање данок, оти 183 дена биле надвор од државата, а воедно компаниите за кои работеле веќе платиле данок во матичните држави.
Тие бараат донесените решенија да бидат запрени за да не се соочат со присилна наплата додека пред институциите докажат дека нивниот данок веќе бил платен во странство.
Од денеска до петок секојдевно ќе ја блокираат крстосницата пред зградата на Управата за јавни приходи, додека нивните барања не бидат слушнати.