Културните рути не се само туристички патеки: Ова се рутите на Советот на Европа во кои членува Македонија
На Форумот во Скопје ќе бидат презентирани културните рути во кои е вклучена и нашата држава: „Рута на Св. Кирил и Методиј“, „Винска рута-Итер Витис“ и „Рута на римски иператори и Дунавска винска рута“

Во време на глобални промени и предизвици, културата станува она што нè поврзува, изјави денеска министерот за култура и туризам Зоран Љутков, кој се обрати на отворањето на настанот „Форум за културните рути на Советот на Европа во функција на развојот на културниот туризам“, што се одржува во Скопје.
-Денеска не сме тука само да зборуваме за културата, туку да ја препознаеме нејзината вистинска сила во современото општество. Културните рути не се само туристички патеки. Тие се патишта на вредности, дијалог, споделено наследство и европско заедништво. Во време на глобални промени и предизвици, културата станува она што нè поврзува. А културните рути се нејзин жив доказ – тие го раскажуваат минатото, но, истовремено, нè повикуваат да дејствуваме денес, за подобра и поинклузивна иднина, подвлече министерот.
Со повеќе од 40 сертифицирани рути, како што нагласи министерот, Советот на Европа ни покажува како културата може да биде мост – меѓу историјата и современоста, меѓу локалното и глобалното, меѓу народите и нациите.
– Овие рути не само што ги облагородуваат туристичките понуди, туку го поттикнуваат одржливиот развој, го зајакнуваат локалниот идентитет и го ангажираат секој поединец да биде активен учесник во културниот процес. Република Македонија, како земја што веќе активно учествува во „Рутата на Свети Кирил и Методиј“, „Винската рута Итер Витис“ и „Рутата на римските императори и Дунавската винска рута“, преку своето исклучително богато и разнолико културно наследство, има значаен потенцијал не само да биде дел од оваа мрежа, туку и да придонесе како рамноправен креатор на нови иницијативи, рече Љутков.
Наша обврска е, додаде, да ги истакнеме и презентираме вредностите со што располагаме – од античките траги до современите културни практики, од духовното наследство до живата традиција.
-Токму од тие причини, овој форум го гледам како отворена покана – да ги споделиме идеите, да соработуваме, да размислуваме стратешки и креативно. Да создадеме културни рути, што нема само да ги водат туристите, туку ќе ги носат вредностите на нашите заедници низ Европа. Затоа, денес ве повикувам, не само како министер, туку како граѓанин и љубител на културата – да работиме заедно – државните институции, локалните заедници, културните и туристичките работници, уметниците, истражувачите – за да ги претвориме културните рути во мостови. Мостови меѓу различни народи, меѓу генерации, меѓу минатото и иднината, истакна Љутков.

Тој порача нашето културно наследство да не биде само нешто, што го чуваме во витрините и книгите. Нека тоа биде нешто што го живееме, посочи, што го споделуваме и преку што ја раскажуваме нашата вистинска приказна пред светот.
-Културните рути се токму тоа – жив доказ дека културата може да биде двигател на просперитет, инспирација за соработка и извор на длабоко човечко поврзување, додаде министерот, посочувајќи дека треба да се гради култура на поврзување, почит и на визија и оти таа треба да биде двигател на нашата заедничка иднина.
На Форумот ќе бидат презентирани културните рути на Советот на Европа во кои е вклучена и нашата држава: „Рута на Св. Кирил и Методиј“, „Винска рута-Итер Витис“ и „Рута на римски иператори и Дунавска винска рута“.