„Културата и траумата- Писмо до бугарскиот пријател“ – нова книга на д-р Златко Крамариќ

Како редок познавач на балканските состојби, познатиот македонист од Хрватска, во овој прилог ја нагласува смислата за добрососедството и заемната почит меѓу државитет


Во издание на „Матица македонска“ од Скопје излезе од печат книгата „Културата и траумата“ од познатиот македонист од Хрватска, д-р Златко Крамариќ. Воведниот текст од книгата  е во форма на „Писмо до бугарскиот пријател“. Како редок познавач на балканските состојби тој во овој прилог ја нагласува смислата за добрососедството и заемната почит меѓу државите, посочувајќи  дека  „еден од битните детали во тие визии на идните посакувани односи во Европа  е и односот спрема соседите. Можеби токму тој детаљ и е еден од најважните. Има ли нешто поубаво отколку да се живее крај среќен и задоволен  сосед. Неговата среќа и задоволство и нас би требало да не прави среќни“, констатира авторот.

Во книгата „Културата и траумата“ посебен акцент е ставен и на улогата на Штросмаер и македонскиот идентитет, на модернизмот во мрачните времиња, на создавањето на македонската интелигенција и на новите политики кон  новите идентитети.

Златко Крамариќ (Осиек, 1956) е познат хрватски научник, универзитетски професор, книжевен критичар, врвен теоретичар на литературата и долгогодишен дипломат. Автор е на триесетина книги, преведени на повеќе јазици. Во изминатите четири децении со особена љубов и континуирана посветеност, тој ја афирмира македонската литература, поставувајќи високи критериуми при анализирањето на дела од најзначајните македонски писатели. Со својот континуиран ангажман, Златко Крамариќ застанува на чело на проучувачите, проследувачите, толкувачите и аниматорите на процесите на македонската историја, традиција и култура и на македонскиот јазик и богата литература. Член е на Друштвото на хрватските книжевници, на Хрватското филозофско друштво, на Матица Хрватска, а во 2015 година беше избран за член на Македонската академија на науките и уметностите.