Кукиќ, Ибрахими, CODE 369: Возбудлива вечер со ѕвездите на „Кроација рекордс“ во Филхармонија


Возбудлива вечер, полна со виртуозност, приредија синоќа музичарите кои ги издаваат своите албуми под етикетата на најголемата издавачка куќа во регионот, Croatia Records, во рамките на шестото издание на Градскиот фестивал во Скопје. Публиката во малата сала на Македонската филхармонија, уживаа во настапите на CODE 369, Иван Кукиќ и Источни фронт, како и необичниот гитарист Мухамед Ибрахими, чиј нов албум е во подготовка за објавување.

Сите изведувачи мораа да ѝ го покажат на публиката најдоброто од себе во по 4 песни, па CODE 369 изведоа симбиоза од претходниот материјал издаден од Croatia Records, Stages of Love, и новиот албум, кој е пред објавување.

Иван Кукиќ за прв пат настапи со својот бенд „Источни фронт“, а програмата вклучуваше песни од неговиот одлично оценет деби соло албум за душа „Сандеј Вајбс“, додека Ибрахими, како виртуоз и препознатлив гитарист, се претстави на публиката како изведувач со посебен сензибилитет.

Со желба вакви настани да се одржуваат што е можно почесто во Скопје, а благодарение на „Кроација рекордс“ за препознавање на квалитетни изведувачи, на настанот присуствуваше и Амир Бахтијаревиќ, музички менаџер од Загреб, кој во последните години направи многу за промоција на талентирани музичари од Македонија.

Во фоајето на Филхармонија беше прикажан дел од винилната програма на „Кроација рекордс“, а публиката можеше да добие информации за посакуваните наслови пред и по концертот, не криејќи го својот ентузијазам за разновидноста и квалитетот на каталогот на долги плочи на „Кроација рекордс“

Croatia Records Day во Скопје го организираа Владимир Мандичевски Манде и неговата продукција Баги Комуникација.

И. Бечковиќ

Фото: Благоја Ангеловски