Кучиња скитници и напуштени миленици „сеат“ страв низ Битола
Речиси да нема ден во полицискиот билтен да нема евидентирано по еден, два и некогаш по три случаи на каснати граѓани од кучиња скитници
БИТОЛА – Алармантна е состојбата ова лето со кучињата скитници низ Битола и најновиот тренд на битолчани да ги напуштат домашните миленици кои се однесуваат агресивно.
Речиси да нема ден во полицискиот билтен да нема евидентирано по еден, два и некогаш по три случаи на каснати граѓани од кучиња скитници. Битолчани, но и гостите во градот не се раат ни на фреквентните улици во градот, вклучително и на Широк Сокак, ниту пак на улиците во населбите и периферијата, од напади од кучиња скитници.
Страдаат од најмало до најстаро, а последниот случај за кој информираше полицијата е за мало дете од Скопје нападнато од куче скитник на Широк Сокак. Млада мајка од Скопје пријавила дека во вечерната прошетка низ Широк Сокак нејзиното малолетно дете било каснато од куче скитник.
Претходно и 18 годишна девојка и старец на 83 години пријавил напад од куче.
„Страшно дојде ова со кучињата скитници, пред мои очи човекот си возеше велосипед и куче скитник буквално му ја откина петицата. Нема пари што можат да му ја надоместат штетата и стресот“, раскажува битолчанка.
„Детето навечер го земам од Шеталиште и носам стап во раката, најопасни се кучињата кои си одредиле територија и кои се однесуваат насилно лоцирани околу зградите или во паркот. Па има луѓе што не можат во зградата да си влезат од агресивни кучиња што запоседнале територија“, вели битолчанец.
Поплаките од битолчани се бројни, а сега според официјална информација од Општина Битола, градот се соочува со нов проблем на неодговорно сопствеништво, на напуштени домашни миленици, што деновиве предизвика страв и паника кај граѓани.
„Во пријавените случаи, агресивни кучиња се испуштаат низ улиците или пак, милениците се изложени на нехуман и неправилен третман, што може да претставува и потенцијална опасност“, предупредија од Општина Битола, со објаснување дека станува збор за напад врз битолчанка од страна на куче со ремче околу вратот, без сопственик, а поради агресивноста присутните граѓани не можеле да го совладаат.
„До општината испратени се и фотографии на кои јасно се гледаат големи и опасни кучиња од расата „кангал“, несоодветно придружувани од страна на малолетни лица… И во овој случај, извршено е прекршување на повеќе законски одредби“, информираат од Општина Битола.
Градоначалникот Тони Коњановски веќе се обратил со писмен допис до Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за храна и ветеринарство, и побарал соработка и институционално решавање на проблемите со бездомните кучиња и неодговорното сопствеништво согласно нивните надлежности.
Од година во година расте износот што Општина Битола го исплаќа на граѓани каснати од кучиња скитници по добиени тужби. Во 2023 година се исплатени 7. 769.952 денари, во 2022 година – 2. 885.115 денари, а во 2021 година 1.129.000 денари.
Сепак, битолчани се сомневаат дека добар дел од пријавите за граѓани каснати од кучиња скитници се лажирани, за што градоначалникот Коњановски, „до Основното јавно обвинителство поднесе иницијатива за отворање на постапка и спроведување на истрага во врска со пријавите за каснување од кучиња скитници кои се доставуваат до општината.“
Со иницијативата, градоначалникот бара Обвинителството да спроведе соодветна постапка врз основа на која ќе се направи целокупна и опсежна анализа, но и истрага при што ќе бидат отстранети сите сомнежи кои постојат или ќе се утврди кривична одговорност против сите оние кои извршиле злоупотреба и го оштетиле буџетот на Општина Битола, а се стекнале со материјална корист за себеси на сметка на истиот.
Инаку, Општина Битола, гради прифатилиште за бездомни животни во објект кој го адаптираше за сместување на бездомни кучиња, и кој ги исполнува условите пропишани со Законот.
Максималниот капацитет на прифатилиштето за сместување е на 55 кучиња.
Со одобрувањето на прифатилиштето од Агенцијата за храна и ветеринарство, истото е внесено во официјалниот државен регистар на прифатилишта и општината може да премине кон спроведување на завршните административни чекори за ставање во функција на прифатилиштето. Во оваа фаза, потребно е со одлука на Совет, прифатилиштето да биде предадено на управување од страна на ЈП „Комуналец“, за што Советот ќе треба да ја усвои и Програмата за работа, вклучувајќи го и одобрувањето на потребните средства од општинскиот буџет за непречено работење.
„Со завршувањето на овие процедури, ќе започне организираното и системско решавање на проблемот со бездомните кучиња во Битола“, неодамна најавија од Општина Битола.