КСС денеска на протест пред Собранието и Владата


Фото: Б. Грданоски

Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) денеска од 16 часот ќе одржи протест со автомобили со кој ќе го искаже незадоволството од немањето социјален дијалог,  непочитувањето на работничките права и последното зголемување на минималната плата.

Протестот ќе почне од кај хотелот „Вип“ спроти Македонската телевизија,а ќе продолжи преку булеварот „Кочо Рацин“, до Собранието каде е предвидено обраќање. Потоа, ќе продолжи кон Владата.

За протестот се известени меѓународните и сите домашни синдикати, како и граѓански организации за заштита на работничките прави.

Протестот ќе се одржи под мотото „Доста е. Претеравте“.

– Многу пати досега кажавме дека во земјава социјален дијалог не постои, уништен е. Постои само формален социјален дијалог, нема суштински социјален дијалог, социјален дијалог каде што треба да се сликаме или да поддржиме некој популизам на Владата. Нема покачување на минималната плата. Донесоа одлука наспроти негодувањето на синдикатите да се зголеми 1,7 отсто. Но, слушнавме од Државниот завод за статистика дека само инфлацијата во март е два процента, нема работна недела, почнавме со 30 дејности, стигнавме до 38, изјави вчера претседателот на КСС, Благоја Ралповски.

Доколку не добијат одговор од Владата, Ралповски рече дека КСС ќе продолжи да делува порадикално.