Ксиаоми го истурка Епл од третото место во пазарот на паметни телефони


Кина– Кинеската компанија Ксиаоми стана трета во светот по малопродажба на паметни телефони во периодот јули-септември, со што го потисна американскиот технолошки гигант „Епл“, којшто сега испадна од првите три во светот, за првпат по 10 години.

Според најновите податоци објавени минатата недела, Епл бележи пад на годишниот приход од 29% на кинескиот пазар. Ксиаоми пак, има скок во побарувачката од 46 отсто, на 46,2 милиони мобилни телефони во споредба со претходната година.

Пресвртницата за Ксиаоми доаѓа во време кога светската индустрија за паметни телефони доживеа пад од четири насто во третото тримесечје. Тоа, како што оценуваат стручњаците, бидејќи многу клиенти го одложија купувањето нов телефон, во очекување на првиот 5-Г Ајфон, кој беше одложен за октомври.

Ксиаоми „профитираше“ и од проблемите со кои се соочува неговиот најголем домашен сооперник „Хуавеј“. Јужнокорејскиот Самсунг се врати на првото место според продажбата на телефони, потиснувајќи го Хуавеј.

Како што објави ИДЦ, Самсунг продал 80,4 милиони паметни телефони во периодот јули-септември, Хуавеј – 51,9 милиони, Ксиаоми – 46,5 милиони и Епл – 41,6 милиони паметни телефони.