Пол Кругман порача да ги поправиме патиштата за да привлечеме инвестиции

„Локацијата на вашата земја е добра, политичкиот систем е добар, но треба да се поработи на патиштата“, рече нобеловецот на економскиот собир во Скопје


Фото: Б. Грданоски

 

Еден од водечките економисти на денешнинава, нобеловецот Пол Кругман, денеска во Скопје порача дека Северна Македонија има добри можности за развој, но дека треба да ја подобри инфраструктурата.

„Локацијата на вашата земја е добра, политичкиот систем е добар, но треба да се поработи на патиштата“, рече Кругман, зборувајќи за новите трендови во светската економија предизвикани од пандемијата и од кризата во Украина, и ориентацијата кон т.н. ниар шоринг, односно префрлање на производството во поблиски дестинации, што е шанса за земјите од Југоисточна Европа, меѓу нив и Македонија.

Запрашан кои структурни реформи треба да ги направи Северна Македонија за да постигне одржлив раст, Кругман рече дека не знае доволно за економијата на нашата земја, но она што е очигледно е дека е важна логистиката.

„Вие сте континентална земја, транспортната инфраструктура е очигледно неопходна. На долг рок тука се образуваната работна сила, едукацијата, но она што е сега неопходно, ако сакате фабрики од Германија, од Холандија и тн. да ги убедите користат производство од тука, најважно прашање е инфраструктурата за да може тие производи да се транспортираат“, рече Кругман.

Фото: Б. Грданоски

Зборувајќи како главен говорник на вториот Скопски економски и финансиски форум, Кругман, се осврна на најважните теми со кои се соочува светот во моментот – како што се зголемената инфлација, опасноста од глобална рецесија, економските изгледи, односно што ќе се случува по тековната криза, како и глобализацијата.

„Клише е ако кажам дека поминуваме низ невидени шокови, но тоа е вистина. Навистина е многу тешко да најдеме некоја друга историска паралела“, рече Кругман во говорорт пред присутните на СЕФФ што се одржува денеска и утре во хотелот „Александар палас“ во Скопје.

Во однос на инфлацијата тој смета дека таа нема да има подолгорочни негативни ефекти и дека според сите очекувања и анализи треба да се смири за година – две. Тој истакна дека инфлацијата во САД веќе го достигнала пикот, како и дека мерките кои ги презема ФЕД треба да придонесат кон „оладување“ на економијата која во моментов е „прегреана“.

Сегашната инфалција, како што објасни, делумно е резултат на многубројните фискални мерки кои што беа преземени во периодот на пандемијата во САД и во Европа, и во другите земји во светот за поддршка на економијата.

„Треба да имаме на ум дека во основа тоа е една едноставна приказна која се однесува на богатите земји општо, во Северна Америка и во Европа“, рече Кругман, додавајќи дека пандемијата привремено драстично ги намали нашите можности да произведуваме, како и дека земјите успеаја да ги задржат приходите преку фискални мерки. Ваквите мерки придонесоа економските проблеми кои што произлегоа од пандемијата да не бидат големи, и кои овозможија брзо закрепнување што се гледа и преку стапката на невработеност во САД која е на ниво пред пандемијата или во Европа  која е дури и под предпандемиското ниво.

„Но, кога ќе комбинирате масивна поддршка на приходите, со намалени капацитети за производство, резултат е инфлација“, рече Кругман. „Тоа е класична приказна – (пре)многу или ист износ на пари со намалена понуда на производи и услуги, како последица се јавува инфлација“

Тоа не значи дека ваквите политики бие погрешни, туку дека некои работи сепак, не можеле да се предвидат. Инфлацијата е многу повисока од онаа пред 2,5 години, прво поради нарушувањата предизвикани од пандемијата, особено од промената на композицијата на потрошувачката од услуги кон производи и влијанието врз синџирите за снабдување.

Фото: Б. Грданоски

„Ако пред 2,5 години никој не зборуваше за логистика, сега сите се занимаваат со прашања како капацитети на пристаништата, бројот на контејнери итн, сите оние работи кои беа невидливи претходно и беа во позадина. Сите овие проблеми во синџирите на снабдување придонесуваат за повиска инфлација“, рече Кругман, додавајќи дека на врвот од сето ова е војната во Украина што имаше големо влијание врз нарушување на снабдувањето со суровини, енергијата… Од глобална гледна точка ова може да предизвика сериозни проблеми поради пречките во снабдување со храбната – Украина е голема житница, а некои земји го ограничија или го забранија извозот на жито што предизвика дополнителни проблеми во многу земји особено во посиромашните.

Дали сево ова води во глобална рецесија? Ова прашање според Кругман по малку е деликатно. Притоа, тој рече дека поголемите економии во моментов се прегреани, односно се над одржливите нивоа на искористеност, како и дека со монетарни мерки треба малку да се „оладат“

„Дали ќе има рецесија во техничка смисла на зборот е многу нејасно. Многу е можно дека ќе има ‘меко спуштање’, период на бавен раст, но не и негативен раст“, рече Кругман додавајќи дека никој не знае кои ќе бидат ефектите од мерките на монетарната политика и колку таа треба да се затегнува, односно колку ќе биде потребно да се зголемуваат каматните стапки за да се елиминира прегревањето на економијата.

Кругман не исклучува рецесија, која во Европа технички е ако има два последователни квартали намалување на економскиот раст, додека во САД тоа е малку поинаку, но без оглед дали ќе биде прогласена или не „многу е веројатно дека ќе почувствуваме одредена економска болка“.

Добрата вест, како што нагласи Кругман е дека нема знаци дека инфлацијата станува дел од главните економии односно дека се вкоренува во глобалната економија, како што беше во осумдесеттите години од минатиот век кога сите очекуваа 10 отсто инфлација и ја пренесуваа во платите и цените.

„Има многу цврсти докази, истражувања, анализи, очекувања на бизнисите и на финансиските пазари кои ја кажуваат истата приказна – дека очекуваат инфлацијата да биде присутна година две, но не и потоа. Што е навистина добра вест и покажува дека не мора да  поминеме низ период како во осумдесеттите години од минатиот век кога се соочивме со подолг период на економско страдање“, вели Кругман.

Но, како ќе изгледа светот по кризата? На ова прашање Кругман вели дека најверојатно во 2024-2025 година светот ќе биде како во 2019 година, кога имаше проблеми, кои ги опиша како „упорна слабост на глобалната побарувачка“, што доведе до ниски каматни стапки.

Сепак, она што најверојатно ќе се промени, е во доменот на глобализацијата, за која Кругман рече дека го достигнала врвот во 2008 година, што значи уште многу пред пандемијата. Покрај другите фактори, Кругман ги спомена и дополнителните ризици во синџирите на снабдување, како поради големата оддалеченост, така и поради политичките ризици.

„Сега сите се фокусираат на Русија и на Украина, но не треба да заборавиме и на одредени политики во Кина“, рече Кругман, посочувајќи на одбивањето да се користат подобри вакцини кои не се произведени во Кина, нулта – ковид политиката, не што не дава резултати… На некој начин се гледа дека автократските режими ги прават поризни синџирите за снабдување од она што луѓето до сега веруваа.

Фото: Б. Грданоски

Ова може да доведе до одредено оддалечување од глобализацијата, но тоа не значи дека ќе има ограничувања за трговијата. Производството во трудоинтензивните дејности и натаму ќе се одвива во места каде што платите се пониски, но сепак  во поблиски земји кои се политички постабилни. Така, Кругман очекува САД да го насочи производството од Азија кон Мексико и кон Централна Америка, а истото очекува да го направи и ЕУ која се повеќе ќе се свртува кон земјите од Југоисточна Европа, што е шанса и за нашата земја.

„Платите овде не се ниски како во Бангладеш, но се многу пониски од Германија“, рече Кругман додавајќи дека најверојатно дека ќе има покуси синџири на снабдување и одредена регионализација на трговијата.

„Ќе има две придобивки за земјите – географијата, односно близината на локацијата до големите пазари и политиката“, рече Кругман, додавајќи дека демократијата и владеењето на правото се многу важни работи.