Кривични пријави за хациендите покрај акумулацијата Стрежево


Хациендата е во пазувите на планината

 

БИТОЛА – Методија Граматковски (54) екс директорот на ЈП „Стрежево“ Битола доби кривична пријава за изградбата на хациенди крај брегот на акумулацијата, во санитарната зона за која „Независен“ обелодени уште во јуни минатата година. Една од вилите е луксузна и со отворен базен.

Во кривичната пријава покрај Граматковски се опфатени уште две лица Б.Б.(70) од Битола, со живеалиште во Скопје и И.К.(61) од Битола поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „несовесно работење во службата“ и „загадување на животната средина и природата“.

„Првопријавениот Граматковски во периодот од 2019 до 2021 година пропуштил должен надзор на движењето над браната на хидроакумулацијата Стрежево, на начин што не спречил да се движи тешка механизација како миксери за бетон, камиони со градежни материјали во заштитената зона на хидроакумулацијата, а со тоа на две лица им овозможил бесправно да изградат објекти“, стои во информацијата на СВР Битола.

И второпријавениот, како раководител со стратешкиот објект „Брана“ Стрежево, се товари дека во периодот од 2019-2021 година дозволил да се пропушти и движи тешка механизација во заштитената зона на хидроакумулацијата, а со тоа на две лица им овозможил бесправно да изградат објекти, додека пак третопријавениот, раководно лице на сектор за зафаќање, акумулирање, заштита и мониторинг на води, дозволил да се пропушти и движи тешка механизација како миксери за бетон, камиони со градежни материјали во заштитената зона на хидроакумулацијата.

„Независен“ објави дека хациенда никнала покрај брегот на Стрежевското езеро од каде цела Битола пие вода, а се наводнува и Пелагониски Поле, дека тоа ги загрижува жителите од околните села, особено што раскошната вила се изгради на стотина метри од брегот на езерото, во зона која одамна е иселена. Хидросистемот „Стрежево“ е стратешки објект за Пелагонискиот регион и еден од најрепрезентативните капитални објекти во државата.

Лани Граматковски рече дека „Тој дел е забранет за градење“, и тврдеше дека реагирал до Општина Битола, односно општинскиот инспекторат и градежната инспекција, по што  „Стрежево“ било информирано да ги извести и СВР Битола и Обвинителството, тоа и го сторило. (А.Б)