Кривична за трите девојки од Куманово кои претепаа и снимаа девојка, на која ѝ се заканиле да молчи


Според информациите од МВР, СВР Куманово поднело кривична пријава против П.А. (18) од селото Лојане, општина Липково, како и против две малолетнички на возраст од 14 и 15 години од Куманово, поради постоење основи на сомнение дека го сториле кривичното дело „насилство“ по член 386 став 3 од Кривичниот законик.

Истрагата покажала дека на 13 март 2026 година, околу 18 часот, осомничените ја повикале 14-годишната малолетничка да излезе од нејзиниот дом, по што ја убедиле да влезе во просторија во близина на спортскиот центар „Соколана“ во Куманово.

Во просторијата најпрвин ја навредувале, а потоа и физички ја нападнале, при што целиот настан го снимале со мобилен телефон.

По извршеното насилство, осомничените ѝ се заканиле на малолетничката да не го пријавува случајот и да не зборува за видеоснимката, предупредувајќи ја дека во спротивно ќе ѝ се случи „нешто уште полошо“.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека против трите осомничени е поднесена соодветна кривична пријава до надлежното обвинителство.