Кривична за Милчо Манчевски – обвинителството ја почна постапката
Финансиската полиција, по наредба на ОЈО и во координација со обвинителството, скоро две години водеше истрага за сомнителни трансакции на 950.000 евра на „Банана филм“

Финансиската полиција до јавното обвинителство поднесе кривична пријава за режисерот Милчо Манчевски и неговата фирма „Банана филм“, а за неговото и финансиското работење на неговата фирма за потрошени 950.000 евра државни пари за кои Манчевски не доставил извештај во Агенцијата за филм. Од ОЈО за порталот НОВА ТВ, кој ја лиферуваше веста, велат дека „пријавата е примена и се постапува за да се испитаат наводите“.
Агенцијата за филм, во мај, 2023, соопшти дека поднела кривична пријава против продукцијата „Банана филм“ на режисерот Милчо Манчевски, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело – поднесена официјална изјава со невистинита содржина, а се темели на докази поврзани со фактичката состојба на проектите ‘Мајки’, ‘Врба’, „Кајмак’ и ‘Биста’.
Согласно горенаведеното, Управниот одбор на Агенцијата за филм донесе одлука со која го задолжи директорот на Агенцијата да донесе решение за прекин на постапување и финансирање по проектите ‘Кајмак’ и ‘Биста’ на истиот продуцент, сè до правосилно решавање на претходното прашање“. Од Агенцијата тогаш појаснија дека по извршениот инспекциски надзор од Министерството за култура за проектите „Мајки“и ‘„Врба“, овластениот инспектор доставил информација и докази со предлог за проверка и постапување по истите проекти до Управата за финансиска полиција.
„Утврдено е постоење на недоследности во однос на доставување на финални извештаи за проектот ‘Мајки’. При тоа за проектот ‘Мајки’, продукцијата до денес не доставила финален извештај за потрошени 55.000.000 денари како и за сите други дополнителни средства потрошени за реализација на овој проект. Што се однесува до проектот ‘Врба’, во процес е проверка на фактот – пренос на повисоки износи на средства доделени на сметка на правно лице во странство, која што припаѓа на сопственикот на продукцијата ‘Банана Филм’ – Скопје“, соопшти тогаш Агенцијата за филм. Од Агенцијата тогаш потенцираа дека сите постапки што ги иницирале немаат намера да ја блокираат работата на кој било автор, вклучително и сопственикот на продукцијата „Банана Филм“ – Скопје.
„Единствена цел е да се утврди дали постоело незаконското работење како и заштита на буџетските средства на Република Северна Македонија“, соопшти тогаш Агенцијата за филм.
Продукцијата „Банана филм”, контра овие обвиненија тврдеше дека ниту една надлежна институција не открила неправилности во нивната работа и моментално нема започнати постапки против нив. Напротив, повеќе институции веќе заклучиле дека Агенцијата за филм работи нелегално.
„Според Записникот на инспекцијата на Министерството за култура од 4 април 2023 година, инспекторот јасно и недвосмислено утврдил дека нема неправилности во работата на „Банана филм“, поради што и ја запрел постапката за инспекциски надзор. Записникот вели: „Не е утврдено ненаменско или спротивно на договорот користење на средства добиени од Агенцијата за филм, од причина што корисникот на средствата се придржувал кон финансискиот и оперативен план согласно Законот за филмска дејност“, кажаа тогаш од продукцијата на Манчевски.
Финансиската полиција, по наредба на ОЈО и во координација со обвинителството, скоро две години водеше истрага за сомнителни трансакции на 950.000 евра на „Банана филм, по пријавата од Министерството за култура. Истрагата покажала сериозни индиции за проневерени буџетски средства и случајот го препрати до Јавното обвинителството.
Пред Златната гала премиера на филмот на Милчо Манчевски „Пред дождот“ во Скопје, лани, во декември, на средба со медиумите на која се обратија учесниците во филмот од Лондон, Париз и Хрватска , Манчевски рече:
„Луѓе ме прашуваат зошто во моите филмови нема повеќе среќни завршетоци. Денес, 30 години после успехот на „Пред дождот“, мене ми е забрането да снимам во Македонија. Уживајте во претставата“, рече тогаш Манчевски.
Најтрофејниот македонски режисер ја доби титулата Амбасадор на културата на Република Македонија во 2007, а во 2012 година е прогласен за Национален уметник на Република Македонија.