Кривична пријава за директорот на битолски „Водовод“ за патувањата во странство

Пеце Милевски патувал во Косово и Грција со службено возило без одлука, без дневнци, без никаква информација


 

БИТОЛА – Пеце Милевски, актуелниот директор на ЈКП „Водовод“ од Битола и воедно лидер на ОК на ВМРО-ДПМНЕ во Битола заработи кривична пријава за патувањата со службеното возило во кое биле негови блиски луѓе, невработени во претпријатието. Оваа тема неколку месеци наназад е актуелна во битолската јавноста, а градоначалникот Тони Коњановски испрати ревизор во јавните претпријатија со цел да утврди дали имало злоупотреба на службените возила за приватни цели.

Кривичната пријава до обвинителството ја поднесе денеска СВР Битола, денеска  и во неа е наведено дека за Милевски (39) постојат основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“. Полицијата открива дека Милевски во службеното возило на „Водовод“ возел лица кои не се вработени во претпријатието.

„Пријавениот, вработен како директор на ЈКП ‘Водовод’ – Битола, на 14.08.2022, на 26.08.2022 и на 02.09.2022 реализирал три службени патувања во странство со службено возило на ‘Водовод’, патувајќи со лица кои не се вработени во претпријатието и тоа со претходно донесени непрецизирани и некомплетни одлуки од Управниот одбор за одобрување на службени патувања во странство. Исто така, тој како одговорно лице во текот на 2022 година примил фактура во износ од 20.088 денари од овластен сервис за поправка на службеното возило, која била наплатена од сметката на ‘Водовод’, иако возилото било каско осигурано“ стои во пријавата од СВР Битола.

„Независен“ претходно објави детали од ревизорскиот извештај во кој стои дека Милевски заминал на службени патувања во Грција и Косово без да наведе јасно каде оди, ниту пак дал отчет каде бил откако се вратил и што му била целта на патувањето. Не пријавил трошоци ни за хотел, ни за ручек и не зел дневници. Патувал со службеното возило без да има одобрение за тоа.

Ревизијата која беше направена со цел да се изврши контрола во постапката за користење на службени возила и реализација на службени патување во битолски „Водовод“.  Управниот одбор донел одлуки за одобрување на службени патувања во странство, но не навел кои се целите на служените патувања во странство, а според уредбата требало да има вакви податоци. Милевски, како директор, лани патувал еднаш во Косово (14.08.2022)  и два пати во Грција (26.08.2022 и 02.09.2022 година).

„Во одлуките што ги донел УО не е наведено кои се целите на службените патувања во странство, не е точно наведено местото на службеното патување и видот на превозот кој што ќе се користи… Не е исплатена дневница за време на службеното патување во странство… За извршените патувања не е поднесена патна сметка за конечна пресметка на вкупно направените трошоци, како и детален извештај за реализација на патувањата и целите на патувањата“, стои во ревизорскиот извештај на Општина Битола

По ревизијата, Милевски рече дека ќе ги уважи забелешките на ревизорот и ќе ги примени, но не смета дека го прекршил законот за да даде оставка од директор.

Инаку ова е втора кривична пријава за Милевски само во овој месец. Првата се однесуваше на неговата работа во „Водовод“.