Кривична и за екс премиерот Ковачевски и генералниот секретар Методија Димовски
МВР ги објави деталите од кривичната пријава која ја поднесе против осуммината за случајот „Лотарија“ меѓу кои е и поранешниот премиер Димитар Ковачевски и екс генералниот секретар на владата Методија Димовски. Според МВР, како третопријавен, Ковачевски, тогаш во својство на претседател на владата по претходен договор со првопријавениот Перпарим Бајарми, тогаш директор на Државна лотарија, на седница на влада одржана на 8 март 2022 година на дневен ред ја ставил и усвоил постапката за основање на трговско друштво „Нова Државна Видео Лотарија – НОВО ВЛТ ДОО Скопје“. Како што посочуваат од полицијата иако Ковачевски знаел дека согласно Деловникот за работа на Владата, материјалите не требало да се разгледуваат на седница, сепак истите биле разгледани. Во кривичната пријава се наведува дека тој направил злоупотреба на службената положба и овластување предвидено и казниво по член 353 став 4 од Кривичниот законик.
„Со ова овозможил друштвото да стекне право да приредува игри на среќа без лиценца и на одговорните лица им овозможил противправна имотна корист од 8.598.000 денари.“
За „злоупотреба на службената положба и овластување“ МВР го сомничи и тогашниот генерален секретар на Владата Методија Димовски, кој според пријавата на МВР и покрај тоа што знаел дека материјалите кои се доставени до Владата не се разгледуваат на Седница на Владата ја предложил како точка на дневен ред за разгледување информацијата во врска со постапката на основање на трите нови трговски друштва за приредување на интернет игри на среќа.
„На тој начин со пречекорување на границите на своите службени овластувања им овозможил на одговорните лица на правни лица од Скопје и Битола да се стекнат со значителна противправна имотна корист во вкупен износ од 4.852.212 денари, а новоформираните правни субјекти од Битола и Скопје да остварат противправна имотна корист во големи размери во вкупен износ од 55.029.956 денари.“
Кривични пријави за злоупотреба на службената положба и овластување, примање потуп и „злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавнa набавкa или јавно-приватно партнерство МВР поднесе против вкупно 8 лица. Првопријавен е Перпарим Бајрами, тогашен претседател на управниот одбор на државна лотарија, додека второпријавен е порашнешниот вицепремиер Артан Груби.