Крива Паланка во претпразнично велигденско руво (видео)
Во пресрет на најголемиот христијански празник, Велигден, Општина Крива Паланка организира богата програма и уникатно декорирање на центарот на градот што ќе донесе радост и убаво расположение кај сите генерации, информираат од општината.

Градскиот плоштад и кејот на Крива Река се разубавени со раскошни цветни леи, внимателно аранжирани декорации и автентични велигденски реквизити.
Според градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, декорациите создадоа посебна празнична атмосфера и предизвикале насмевки кај помладите, но и кај повозрасните минувачи и посетители.

-Нема поубава глетка од тоа да ги гледаш своите сограѓани среќни. За првпат оваа година Крива Паланка доби уникатна, претпразнична велигденска декорација, која разбуди убаво расположение и донесе радост и насмевки кај сите минувачи. Оваа претпразнична убавина е уште еден пример за грижата на Општина Крива Паланка за убавината на градот и доброто расположение на своите граѓани и на сите посетители, изјави Митовски.
Деновиве во градот ќе се одржат повеќе културни манифестации, за денес е закажана „Априлијада 2026″ што беше одложена поради неповолните временски услови минатата седмица, додека во недела, на првиот ден Велигден, по празничната литургија во храмовите, ќе се одржи масовната, традиционална манифестација „Велигденска традиција” што ќе се одржи во црковниот комплекс „Св. Никола” во село Градец, во 12 часот.

Организатори се Општина Крива Паланка и ЛУ Градски Музеј Крива Паланка, а манифестацијата ќе понуди забавни активности за сите генерации, со музичка програма, велигденски подароци, награди и заедничка прослава на Велигден во духот на заедништвото и традицијата.