Кристалина Георгиева: Многу веројатно е дека ММФ дополнително ќе намали прогноза за раст
Извршниот директор на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристалина Георгиева, изјави денеска дека е „многу веројатно“ фондот дополнително да ги намали своите глобални економски прогнози, бидејќи пандемијата на коронавирусот удри во многу економии потешко отколку што првично се очекуваше.
„Податоците што доаѓаат од многу земји се полоши од нашите веќе песимистички предвидувања“, рече Георгиева на веб-конференција, модерирана од „Фајненшал тајмс“.
„Многу е веројатно дека ќе излеземе со ажурирање на нашите предвидувања во одреден момент во јуни, и во оваа фаза … нашите очекувања се дека ќе има малку повеќе лоши вести за тоа како гледаме во 2020 година“, додаде шефицата на ММФ.
Пред еден месец, Фондот предвидуваше дека затворањето на деловните активности и карантинските мерки насочени кон забавување на ширењето на вирусот, ќе го втурнат светот во најдлабока рецесија од Големата депресија во 30-те. Проценката беше намалување на глобалниот бруто-домашен производ за 3 проценти во 2020 година.