Крис Павловски ќе го бара гробот на Александар Македонски во Македонија

Канадскиот бизнисмен со македонско потекло, Крис Павловски, најави дека ќе финансира истражувања во археологијата со цел да се пронајде гробот на Александар Македонски.
Во гостување во „Тема на денот“ на Сител ТВ, на прашање во врска со неговата објава на социјалната мрежа Икс дека слетал во „земјата на Александар Велики“ и дека ќе го најде неговиот гроб, Павловски изјави дека со неколку пријатели ќе вложат ресурси во оваа потрага. Тој се претстави како голем почитувач на историјата, со посебен интерес кон археологијата и античката македонска историја.
„Имам неколку пријатели со кои ќе вложиме ресурси за да го побараме… Јас сум голем обожавател на историјата. Ја сакам археологија, ја сакам античката македонска историја… Јас сум многу сериозен за финансирање на истражувања во однос на археологијата во Македонија. Многу сум сериозен и тоа многу сакам да го направам. Мислам дека немало големи вложувања во македонската археологија. Тоа е нешто што недостасува. Јас знам многу Македонци и луѓе кои не се од Македонија кои сакаат да помогнат за тоа. Очекувам заедно да вложиме пари и да почнеме да копаме за да видиме што има овде под земјата. Мислам дека тоа е важно“, кажа Павловски.
Според него, ова е важно за културата, а како Македонец, тој слушнал многу приказни од своите баби, дедовци, родители и други роднини, и смета дека е време тие да се поврзат со материјални докази. Тој спомена и неодамнешно откритие на локалитет близу Битола, кој се поврзува со бабата на Александар Македонски.
Павловски деновиве престојува во Скопје по повод конференцијата „Македонија 2025“.