Кремљ демантира дека Путин и Трамп имале телефонски разговор


Кремљ го демантираше извештајот на американски медиуми дека рускиот претседател Владимир Путин и новоизбраниот претседател на САД Доналд Трамп разговарале по телефон минатата недела за конфликтот во Украина. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека извештаите за тоа се „целосно лажна информација“, негирајќи дека имало каков било телефонски повик.

„Вашингтон пост“ во неделата објави дека Трамп телефонски разговарал во четвртокот со Путин, нагласувајќи му да не го разгорува конфликтот. Тоа би бил првиот телефонски разговор меѓу нив двајца откако Трамп победи на претседателските избори во САД на 5 ноември. Според извори на Вашингтон пост, кои сакале да останат анонимни, Трамп го потсетил Путин на силното американско воено присуство во Европа.

„Разговорот беше насочен кон постигнување мир во Европа, а Трамп изрази интерес за дополнителни разговори за брзо решение на војната во Украина“, рекле изворите на весникот.

„Тие разговараа за постигнување мир на европскиот континент, а Доналд Трамп изрази надеж за продолжување на разговорите за брзо решавање на војната во Украина“, пишува американскиот весник. Според изворите, Трамп му се јавил на Путин од своето одморалиште на Флорида.

Надворешнополитичките прашања ќе бидат тема на средбата меѓу Џозеф Бајден и Трамп закажана за в среда во Овалната соба на Белата куќа за да започне транзицијата на власта.

Трамп, кој ќе се врати во Белата куќа на 20 јануари, за време на кампањата изјави дека би можел да ја заврши војната во Украина „за еден ден“, но не прецизираше како ќе го направи тоа.