Кредитирањето во вториот квартал ги надмина проекциите на Народната банка

Мерки на Народната банка донесени од почетокот на кризата, со коишто се создадоа услови за намалување на цената на финансирање преку кредити од банките и за обезбедување дополнителна ликвидност во банкарскиот систем, овозможија пораст на кредитирањето во периодот април, мај и јуни, пред се на претпријатијата, оцени денес Советот на Народната банка.

Како што се вели во соопштението од седница на Советот на која беа разгледани и усвоени најновиот Квартален извештај и Извештајот за ризиците во банкарскиот систем во првиот квартал годинава забрзаниот раст и на кредитната активност и на депозитната база бил над очекувањата според априлската проекција.

„На годишна основа, на крајот на вториот квартал, растот на кредитирањето достигна 6,6 отсто, додека на вкупните депозити солидни 8,4 отсто, во еден дел како одраз и на мерките на државата преку кои се обезбедија дополнителни средства за компаниите и за домаќинствата заради подобрување на ликвидноста и расположливиот доход“, велат од Народна банка во Извештајот за ризиците во банкарскиот систем.

Според Извештајот, изворите на ризици и понатаму се присутни во глобални рамки и се речиси целосно поврзани со пандемијата на КОВИД-19.

Од Народната банка нагласуваат дека и ќе продолжат внимателно да ги следат трендовите и потенцијалните ризици од домашното и надворешното окружување, заради натамошна соодветна поставеност на монетарната политика.

Инаку, како што покажува Извештајот за ризиците во банкарскиот систем, банкарскиот систем во целина се одликува со соодветни нивоа на ликвидност и солвентност, што им овозможува на банките да им излезат во пресрет на потребите на своите клиенти во услови на силниот шок предизвикан од корона-кризата.

„Стапката на адекватност на капиталот е умерено зголемена во споредба со крајот на претходната година и изнесува 16,5 отсто, што е двојно повеќе од законски утврдениот минимум. За нејзиното зголемување најголем придонес има растот на сопствените средства на банкарскиот систем. Адекватното ниво на ликвидноста се потврдува и преку одделните показатели преку коишто се следи ликвидносната позиција на банкарскиот систем. Речиси една третина од активата на банкарскиот систем е ликвидна актива, којашто покрива близу 60 отсто од депозитите на домаќинствата“, се вели во извештајот.

Во однос на изложеноста на банкарскиот систем на кредитниот ризик, како што е посочено во Извештајот, особено е значајно што покриеноста на нефункционалните кредити со исправка на вредноста се зголемува и е на релативно високо ниво од 68,7 отсто. Ваквото ниво, заедно со задоволителниот обем и квалитет на сопствените средства ги ограничува евентуалните негативни ефекти врз солвентноста на банките од евентуалната целосна ненаплатливост на нефункционалните кредити, коишто и натаму се во рамки на историски најниското ниво, односно на крајот на март изнесуваат 5 отсто.

Домашниот банкарски систем и во првиот квартал од оваа година и понатаму е профитабилен, но при забележани пониски показатели за повратот на капиталот и активата, во споредба со првото тримесечје од 2019 година“, се вели во извештајот.

Во Кварталниот извештај е нагласено дека монетарната поставеност е соодветна на постојните економски и финансиски движења. Се очекува дека мерките коишто Народната банка ги презеде во првата половина на годината ќе овозможат натамошна соодветна поддршка на македонската економија во справувањето со предизвиците од корона-кризата.

Споредбата на последните макроекономски показатели од домашната економија со нивната проектирана динамика во рамките на априлскиот циклус проекции упатува на одредени отстапувања во поглед на интензитетот и структурата на економскиот раст заради ефектите од појавата на КОВИД-19. Истовремено, нагласено е дека во вториот квартал, годишната стапка на инфлација изнесуваше 0,5 отсто, во просек. Неизвесноста околу идната патека на движење на светските цени на примарните производи во следниот период постои, но според оцените на Народната банка, инфлацијата во домашната економија ќе остане во прифатливи рамки.

Во однос на девизните резерви кај коишто беше забележан раст во првата половина на годината, според сите показатели за нивната адекватност, и натаму се во сигурната зона, во којашто и би останале, се вели во Кварталниот извештај.

Советот го разгледа и ги усвои и Годишниот извештај за надгледувањето на работењето на платните системи во 2019 година и спроведувањето на дадените препораки, при што се наведува дека платните системи во земјата постојано обезбедуваат висок степен на сигурност и оперативна доверливост.

„Достапноста на платните системи во текот на минатата година беше на највисоко ниво од 100 отсто, без забележани падови и нарушувања во нивното работење“, се вели во овој извештај.