Креаторот на страницата vaksajns.mk повикан во полиција
Креаторот на страницата vaksajns.mk, која води до официјалната страница, vakcinacija.mk, Адил Бакиу, објави статус на својот Фејсбук профил, во кој посочува дека е повикан во Полициската станица-Карпош.
-Краток апдејт: во 13:30 сум поканет во ПС Карпош на разговор околу доменот vaksajns.mk. Единицата за компјутерски криминал мене брзо ми влезе во трага и брзо ме поканија за обично пренасочување кон сајтот на МЗ, за разлика од предметот за девојчињата од Струмица чии инкриминирачки материјали биле споделувани насекаде и не успеваше да ги најде сторителите 2 години, наведува Бакиу во неговата објава.
По реакциите на граѓаните дека има две платформи за пријавување за вакцинација vakcinacija.mk и vaksajns.mk, и дека не знаат на која да се пријават, од Министерството за здравство порачаа дека валидна е само веб страницата vakcinacija.mk. Од ресорното министерство негираат дека е извршен упад на нивната веб страница, туку дека паралелно на нивниот сајт за вакцинација е креиран лажен сајт.
– Веб страницата www.vakcinacija.mk не е хакирана, ниту пак некој извршил упад во неа. Во текот на вчерашниот ден се појави vaksajns.mk, креирана страница позади која не стои Министерството за здравство. Бидејќи оваа лажна веб страница ги доведува во заблуда граѓаните кои сакаат да пополнат апликација со што ќе искажат интерес за вакцинација против ковид-19, случајот утрово беше пријавен во Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при Министерството за внатрешни работи – велат од Министерството за здравство.