Креативците треба да ги поддржуваме, рече Пендаровски за изложбата претставена на Венециското биенале


Во Кабинетот на претседателот е поставена изложбата „Лабораторија од минатото за иднината: Приказни за Летната школа по архитектура во манастирот Св. Јоаким Осоговски, 1992-2017“ со која се претстави нашата држава на 18. Меѓународна изложба на архитектурата во Венеција – Венециско биенале 2023.

„Познавачите знаат дека учеството на венецијанското архитектонско биенале подразбира сериозен авторски и организациски ангажман. Ние не сме голема, моќна и богата земја, но, без било каква дилема имаме традиција, култура, уметност и архитектура на највисоко ниво. Имаме креативци и автори кои имаат што да му кажат и покажат на светот. И сево ова треба да го негуваме и подржуваме. Морална обврска на секој од нас е во рамките на нашите можности, а, на секоја институција законска обврска е, согласно надлежностите, да работиме на афирмација на македонската архитектура и на македонските автори“, истакна во обраќањето претседателот Стево Пендаровски, како домаќин на изложбата, на вчерашната промоција.

Носител на проектот, којшто со поддршка на Министерството за култура беше претставен на Венециското биенале на архитектура, е Ива Петрунова од здружението „Градот убав“. 

На свеченото отворање свои обраќање имаа директорката на Национална галерија, Дита Старова Ќерими, како комесар на проектот, Минас Бакалчев, еден од авторите и Марија Петрова, една од кураторите.

Останати куратори на изложбата се Александар Петановски, Димитар Крстески, Дарко Драгановски и Горан Петров, a останати излагачи во поставката се Митко Хаџи-Пуља, Александар Радевски, Саша Тасиќ и Димитар Папастеревски.