Краток интензивен дожд причина за делумно поплавување на улици низ Тетово

Појавата на интензивен дожд во текот на претладневните часови на дел од улиците низ Тетово резултираше со краткотрајно поплавени коловози, а водата навлезе и во дворови од куќи и други објекти.
Екипите на Јавното претпријатие за водовод и канализација – „Шар“ интервенираа со чистење на затнати шахти со цел побрзо одлевање на насобраната вода.
-Главна причина останува несовесното фрлање отпадоци, што покрај блокирањето, претставува и ризик од поплави во населбите. Сите имаме улога во зачувувањето на чистотата и функционирањето на јавната инфраструктура, се вели во информацијата на ЈКП за водовод и канализација – „Шар“.
Од Територијалната противпожарна единица Тетово информираа дека не добиле повик за интервенција по силниот денешен дожд.