Крај на една ера

Изминатите 30 години изодевме тежок пат, покажавме дека сѐ е решливо и докажавме дека стоиме и натаму со „кичмата“ цврсто исправена. Македонци сме во Македонија - и така ќе биде и со францускиот предлог


Македонија е на чекор до одлука која ќе стави крај на една ера, што траеше од прогласувањето на независноста досега. Дилемата не е дали ќе речеме „да“ на предлогот на француското претседателство, туку дали ќе отвориме ново поглавје во нашата иднина како држава. Со почнувањето на преговорите за членство со ЕУ, како и да завршат тие, се остваруваат сите стратегиски цели на Македонија и сите може да здивнеме. Ставаме крај на хипотеките, на нерешените прашања со соседите, на внатрешните превирања, на дилемите околу правецот во којшто се движиме, на фрустрациите од неостварените ветувања и очекувања. 

СДСМ и ДУИ, со сите мани и недоследности, застанаа зад тешките историски одлуки: зад нас се Рамковниот договор, Преспанскиот договор, Договорот со Бугарија од 2017 година, децентрализацијата која не ја подели државата како што нѐ заплашуваа, решението за демаркацијата на границата, спорот со СПЦ, приемот во НАТО и еве сега – започнувањето на преговорите со Европската унија.  За оваа последна одлука СДСМ жртвуваше еден премиер, а можно е и да ги изгуби изборите, како што им се случи на многу земји од бившата Источна Европа кога влегоа во Унијата, а сега се дел од најбогатиот и најпривилегиран клуб. Времето ќе покаже дека сите обвинувања за предавство биле лажен или барем фаличен патриотизам, бидејќи нема поголем успех за Македонија од тоа што си ја обезбеди својата граница со приемот во НАТО, што доби гаранција за територијалниот интегритет и стабилноста и што со  почнувањето на преговорите со ЕУ отвора „врата“ за подобрување на стандардите во земјата и на економската состојба. Нема поголем успех од тоа да не сме веќе „буре барут“ на Балканот и да не сме црната дупка на Европа. 

Затоа, шокантни се и незрели обидите на ВМРО-ДПМНЕ да дава оценки за договор што уште не го ни виделе. Да лажат и да ја подриваат можноста на актуелната влада да донесе решение во интерес на државата и на граѓаните. Да тврдат дека нов предлог нема бидејќи Теодора Генчовска така рекла (а што да каже откако вчера во Бугарија владееше целосен молк околу иницијативата на Франција, освен тука и таму објавена штура вест?). Да ја шират кај нас бугарската пропаганда, па и да лажат дека Румен Радев и Кирил Петков се радувале на најновите измени на предлогот од Франција, бидејќи и двајцата вчера исчезнаа од јавната сцена и целиот настан го „покрија“ со драматизирање на протерувањето на руските дипломати. Па, и да се чудат како мали деца како тоа Еди Рама го имал предлогот, а македонскиот народ не, во ситуација кога го нема ни албанскиот ни бугарскиот народ и, на крајот на краиштата, станува збор за премиер директно вклучен во преговорите со ЕУ. И да најавуваат дека нема да прифатат нешто што веќе најавија дека ќе го одобрат на странските дипломати и  политичари – вклучување на Бугарите во Уставот.

Дилемата е – зошто ВМРО-ДПМНЕ толку не сака Македонија да успее? Зошто сите наши победи се претвораат и се толкуваат како пораз од најпатриотската политичка партија во државата? Зошто најсилниот адут во преговорите со Бугарија, непоколебливата и цврста поддршка од страна на албанската заедница во државата околу спорот, ВМРО-ДПМНЕ се обиде да ја претвори во наводно заткулисно работење за Голема Албанија? Зошто партијата која тврди дека ја сака најмногу Македонија не се обидува да  направи реална проценка околу ова важно прашање за Македонија, сега кога Бугарија е седната на „стол“ и преку ноќ изгуби желба да не малтретира со ветото? Зар толкав неинтелектуален и политички капацитет има во ВМРО-ДПМНЕ што не умеат ни да видат кога нешто е во наш македонски интерес? И како може ВМРО-ДПМНЕ и нивната желба за власт да бидат поважни од Македонија и нејзиниот просперитет, без оглед што добар дел од нејзиното членство живее во национален романтизам и нема разбирање за отстапките кои треба да ни донесат придобивки?

Притоа, мора да се каже дека со исклучок на одлуката за независноста, првиот договор со Бугарија што го потпиша Љупчо Георгиевски и индиректното прифаќање на Рамковниот договор, партија која има толку високо мислење за себе, која се нарекува национална, која носи толку гордо име и која има толкава моќ и членство – е фрапантно отсутна од сите процеси кои ја водат Македонија напред. Партија која се храни со негативност и сака тоа да го пренесе на целото општество правејќи од својот партиски програмски дефект судбина на сите граѓани. Која не само што не ги решава проблемите на Македонија, туку сака да ги спречи другите во тоа или најавува дека ќе смени сѐ што е постигнато досега, т.е. ќе нѐ врати на почетотокот на долгата исцрпувачка голгота од која конечно излегуваме. А, ја преспа резолуцијата на Групата на народни партии со која тие застанаа зад бугарските позиции.

Граѓаните во Македонија, пак, треба да знаат дека поглавјето „ЕУ проширување“ се затвора и дека  и оваа шанса сега ја добивме благодарејќи на храбрата украинска нација која го обели образот на Словените и докажа  дека мора да биде наградена за тоа. Треба да знаат, исто така, дека ни се наредија коцките и дека да не беше кризата со Русија ќе бевме и натаму препуштени на бугарското изживување, бидејќи не ни се брзаше ни нам, ниту на ЕУ лидерите. Ни помогна и тоа што францускиот лидер Емануел Макрон мораше да ја исправи неправдата со нас, бидејќи ни голема држава како Франција не може да си дозволи од една земја да направи непријател. Ни помогна и тоа што во Германија сега е Олаф Шолц, силен поддржувач на проширувањето на ЕУ и социјалдемократ, како и владата во Скопје. Ни помогна и огромната поддршка што ја добивме од соседите кои си ги расипаа односите со Софија заради нас, а пред сѐ ни помогна стравот од враќање на руското влијание во Бугарија. Да бевме оставени сами во преговорите со Софија, како до неодамна, нашите напори ќе беа залудни, па барањата да „чекаме“ ќе имаа некоја логика. Со изменетиот предлог во рака и со зауздана Бугарија, со земји членки на ЕУ комплетно застанати зад францускиот предлог , со САД во заднина и со измените што се навестуваат во предлогот, ќе биде глупост да се рече „не“ на шансата што ѝ се нуди на Македонија.

Изминатите 3о години изодевме тежок пат, покажавме дека сѐ е решливо и докажавме дека стоиме и натаму со „кичмата“ цврсто исправена. Македонци сме во Македонија и така ќе биде и со францускиот предлог.