Крах на „Икс“ по победата на Трамп, деактивирани 115.000 профили за еден ден
Практично ако се отвори Х таму веќе нема никој друг освен сејачите на лаги и омраза на Трамп и партиските ботови од Македонија.
Социјалната мрежа Икс, порано Твитер, се соочува со голем пад на бројот на корисници и повлекување на огласите на големите компании, особено по реизборот на Доналд Трамп за претседател на САД, на кој му помогна сопственикот на Икс, Илон Маск.
Се проценува дека во САД ден по претседателските избори, околу 115.000 сметки биле деактивирани. Познатите личности и истакнатите брендови ја напуштаат платформата наведувајќи ја зголемената загриженост поради неконтролираното ширење на дезинформации, теории на заговор и говор на омраза, како и она што тие го гледаат како улогата на Маск во олеснувањето на враќањето на Трамп на власт, пишува Гардијан.
Корисниците на Икс тврдат дека платформата е полна со ботови и партиски реклами, со секојдневно малтретирање на корисниците. Се вели дека ваквите практики кулминирале кога Доналд Трамп бил реизбран за претседател, со поддршка на Маск. Практично тоа што Маск го промовира како слобода на говор се претвори во социјална мрежа на екстремни политичари, плукачи, измислувачи на лажни вести, ширачи на навреди и покренувачи на омраза.
Таква каква што е „Х“ стана главната сцена на која водат „војна“ и партиските ботови од Македонија бидејќи без мерка можат да се шират навреди и клевети и да се заговара авторитаризам место демократија, како на пример оваа: „ Во Јужна Кореа е прогласена воена состојба и е суспендиран Парламентот и политичките партии. Мислев северот распалиле ракети но испадна дека демократски избраната опозицијата била закана за либералната демократија“. Практично ако се отвори „Х“, таму веќе нема никој друг освен сејачите на лаги и омраза на Трамп и партиските ботови од Македонија.
Инаку, излегувањето од Х деновиве го најави Европската федерација на новинари (EFJ) која претставува над 295.000 новинари во 44 земји. Оваа недела федерацијата објави дека од 20 јануари 2025 година ќе престане да објавува содржини на платформата X.Федерацијата го обвини Маск дека го претворил микро-блогот, во машина за дезинформации и пропаганда. Пoради ова тие повеќе не може етички да учествуваат на социјалната мрежа.Генералниот секретар на EFJ, Рикардо Гутиерез, изјави:
„По изборите во САД, EFJ посочи на заканата за демократијата и слободата на изразување, предизвикана од соработката меѓу претседателот на најмоќната земја во светот, Доналд Трамп, и најбогатиот човек во светот, Илон Маск. Маск, кој е сопственик на социјалната мрежа X, ќе биде назначен за раководител на новоформираното „Одделение за ефикасност на владата“ (DOGE) кога Трамп ќе ја преземе функцијата.Не можеме да продолжиме да учествуваме на социјалната мрежа на човек кој ги прогласува медиумите, а со тоа и новинарите, за непријатели. X стана омилена платформа за ширење на теории на заговор, расизам, екстремно десничарски идеи и мизогинија“.
„Платформата повеќе не му служи на јавниот интерес, туку на посебните идеолошки и финансиски интереси на нејзиниот сопственик и неговите политички сојузници. Ваквата еволуција на X по купувањето на Илон Мас е спротивна на нашите хуманистички вредности, на нашата борба за слобода на медиумите и медиумскиот плурализам“, порача претседателката на EFJ“, Маја Север.
Одлуката на EFJ следува по сличните чекори на голем број европски медиуми, меѓу кои „The Guardian“, шведскиот „Dagens Nyheter“, шпанската „La Vanguardia“ и француските „Ouest-France“ и „Sud-Ouest“. Тие поради влијанието на Маск врз неговото фунционирање порано го напуштија микро-блогот.
Гермaнски фудбалски клубови исто така ја напуштаат платформата. Тие соопштија дека X повеќе не претставува безбедна и продуктивна средина за комуникација со фановите. Германскиот второлигаш Сент Паули стана првиот тим од Бундеслигата кој на 14 ноември година ја напушти социјалната мрежа X, поради загриженост за ширење дезинформации и пропаганда на платформата. По ова, и фудбалскиот клуб Вердер Бремен на 18 ноември 2024 година објави дека се повлекува од социјалната мрежа X. Генералниот директор на клубот, Клаус Филбри, ја соопшти оваа одлука на годишното собрание, наведувајќи дека под водство на Илон Маск платформата станала простор за говор на омраза, дискриминација и ширење на теории на заговор. Вердер Бремен ги повика своите над 600.000 следбеници да ги следат на алтернативната платформа Bluesky, каде што клубот ќе продолжи да комуницира со своите фанови.
Медиумите и фудбалските клубови се само дел од поранешните корисници на платформата. Јавни личности како германскиот новинар Клаус Клебер и францускиот режисер Лук Бесон исто така го избраа повлекувањето од X, наведувајќи ја платформата како „токсична средина која повеќе не ги промовира вредностите на отворена дискусија и социјална хармонија“. Само во втората половина на ноември, платформата ја напуштија и актерот Марк Хамил, новинарот Дон Лемон, писателот Стивен Кинг, режисерот Гиљермо дел Торо, актерката Џејми ли Кертис. Многу од личностите се префрлаат на конкурентските платформи BlueSky и Threads, каде што продолжуваат да комуницираат со своите следбеници. Двете понови платформи во последниот период забележуваат прилив на милиони нови корисници.
Иако X загуби голем дел од својата вредното откако Маск ја купи за над 40 милијарди долари, се чини дека милијардерот нема причина за загриженост од финансиски аспект, но намалувањето на влијанието на Х секако ќе го земе данокот. На крајот на минатиот месец неговото богатство беше проценето на околу 350 милијарди долари, или околу 83 милијарди долари повеќе отколку што „вредеше“ на денот на изборите.
Како и да е, впечатокот е дека социјалните мрежи една по една се уништуваат, сами или од корисниците.