Ковид-19: Од денеска дополнителни рестриктивни мерки во Црна Гора

Црна Гора– Со оглед на исклучително распространетиот локален пренос на коронавирус, големиот број случаи во болниците и огромниот притисок врз здравствениот систем, Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) на Црна Гора предложи воведување на дополнителни мерки за да се спречи ширењето на новиот коронавирус. Мерките се во сила од денеска.

„Усвоените мерки ќе обезбедат да го сузбиеме интензивното ширење на епидемијата во првата половина на октомври и да ги зачуваме здравјето и животот на населението“, наведува од ИЈЗ и апелираат граѓаните да ги почитуваат доследно мерките.

Од денеска до 12 октомври, поради зголемувањето на случаите на коронавирус во Никшиќ, Беране и Андријевица, ќе биде забрането напуштање на домовите од 22 до 5 часот наутро, а работата на угостителските објекти и домашните посети ќе бидат забранети.

Од денеска во Рожаје е забранета работата на угостителските објекти и домашните посети.

Во Котор, Будва, Подгорица и Плевља, од 28 септември до 12 октомври, угостителските објекти ќе имаат право да работат само до 22 часот.