Ковачки поднел кривични пријави против Шекеринска, таа го обвини за водење партиска политика


Полковник Драган Ковачки е првото високо воено лице кое се вклучува на ваков начин во политиката

Поради постоење на основано сомнение дека се прекршени членовите 349 и 353 од Кривичниот законик, како и членот 103 став 1 и 3 од Законот за класифицирани информации, денеска во ОЈО поднесовме три кривични пријави, две против актуелниот министер за одбрана и едно против раководно лице во Министерството за одбрана, рече на прес-конференција Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ.

-Ова е првпат во историјата на модерна Македонија актуелен министер за одбрана, на ваков незаконски и крајно непрофесионален начин дрско да ја злоупотреби својата позиција и содржини од класифицирани документи да искористи исклучиво во својa лична и партиски промоција. Шекеринска ја загрозува и безбедноста, но и државата во целост со тоа што издава информации кои се од витално значење за одбраната. Цениме дека ваквиот, во континуитет незаконски однос кон класифицираните информации од страна на актуелен министер за одбрана којшто е платен и по закон е обврзан да ги чува и штити класифицираните информации е неприфатлив и бараме од ОЈО веднаш да пристапи кон своите законски надлежности и да поведе постапка пред надлежен Суд, истакна Ковачки.

-Кога ДПМНЕ беа на власт поднесуваа кривични пријави за да ја заплашат јавноста, а сега ги поднесуваат за да ја замајуваат, му одговори на Ковачки министерката преку Фејсбук. 
 
-Мотивот за денешните пријави е друг. Нервоза е во прашање, и тоа од две причини. Првата е што против лицето кое одлучи да биде партиски, а не армиски војник се води дисциплинска постапка поради закани кон началникот на Генералштабот на Армијата. Нешто што е незамисливо за офицер во било која Армија. Втората е што наскоро, согласно измените во Законот за служба во Армијата, тој ќе треба да одлучи дали ќе ја соблече армиската униформа бидејќи му е поважна партиската. 
 
Жалосно е што тој и денес со голема леснотија ја отфрли армиската чест само за да служи на една мала група на луѓе.Оваа црна пропаганда против Армијата на сопствената татковина, во период кога постигнувањата се видливи на дневна основа, не се ништо друго освен непријателски чин против угледот на Армијата, довербата на граѓаните, но и атак врз безбедноста на земјата. Тоа е неприфатливо однесување од било кого, а најмалку од висок воен старешина, реплицираше Шекеринска.