Ковачевски за случајот Онкологија: Секој криминал има име и презиме
Она што можам да го кажам е дека ваков тип на криминал е мултипартиски, мултиетнички и мултикултурен, рече Ковачевски
Премиерот Димитар Ковачевски денска изјави дека ја поддржува акцијата која што ја спроведува МВР и Обвинителството за расчистување на случајот Онкологија по објавените информации за злоупотреба и преподажба на скапа терапија за малигно болните, како и дека нема да има било какви интервенции во однос на заштита на било кого бидејќи, како што посочи, станува збор за „грозни наводи“. Ковачевски, кој одговараше на прашања на новинарите по презентирање на ИПАРД 3 програмата за поддршка на македонското стопантво, исто така рече дека ваков тип на криминал е мултипартиски, мултиетнички и мултикултурен, како и дека веќе 20 години има сомнежи, но прв пат сега се спроведува обемна предистражна акција.
„Во текот на изминатиот ден Министерството за внатрешни работи и Обвинителството спроведоа акција за обезбедување докази во однос на можни злоупотреби кои што беа обелоденети во изминатиот период. Јас лично како претседател на Владата и политичката партија од која што потекнувам, ја поздравувам и ја поддржувам акцијата која што ја спроведува МВР и Обвинителството“, рече Ковачевски.
Тој посочи дека станува збор за наводи кои што се грозни, и кои што не смеат да се случуваат, а за кои што наводи сме слушале во текот на изминатите 20 години.
„Ова е прв пат да биде спроведена една ваква обемна акција за идентификување на можни сторители на вакви дела“, рече Ковачевски.
Тој повика да не се прави сензацинализам и напад на сите доктори и медицински сестри во државата, бидејќи најголемиот број од медицински персонал кој што работи во нашата држава се извонредни луѓе и кадри кои што се грижат за здравјето на нашето население.
„Секој криминал има свое име и презиме, има одговорност, и задачата на МВР и на Обвинителството е да обезбеди докази врз основа на кои што ќе бидат идентификувани сторителите“, рече Ковачевски додавајќи дека од него како претседател на Владата и од Владата нема да има никакви интервенции во однос на заштита на било кого бидејќи, како што рече, се работи за навистина грозни наводи кои што се предмет на истрагата на МВР и обвинителството.
Осврнувајќи се на пишувањата во медиумите и особено на социјалните мрежи, Ковачевски рече дека се сака да се креира слика за вмешаност само на одредени лица зависно од нивната припадност.
„Она што можам да го кажам е дека ваков тип на криминал е мултипартиски, мултиетнички и мултикултурен. Затоа повикувам и МВР и Обвинителството непречено да ја извршуваат својата работа да идентификуваат можните сторители, врз основа на докази и за тоа ја имаат нашата целосна поддршка од почетокот на акцијата која што ја водат професионално“, рече Ковачевски.
На прашањето дали ја знае состојбата на Онкологија, како и во однос на ревизијата која што ја правел поранешниот министер Беким Сали, како и дали ќе има одговорност, премиерот одговори дека смета дека е премногу лично прашање дали бил на Онкологија и од која причина, и нема да одговори.
„Меѓутоа дали наводите кои што беа изнесени, биле сериозно земени, се потврди во текот на вчерашниот ден кога беше спроведена омбемна полициска и обвинителска акција во Онкологија“, одговори Ковачевски додавајќи дека и за секој навод кој што ќе се појави за било која друга клиника исто така ќе биде постапено.
Тој исто така рече дека сите граѓани без исклуок, дали се занимаваат со политика, со медиумска работа или со било што друго, беа сведоци на јавните натписи кои што беа објавени. Врз основа на информациите кои што ги имаше прибрано, првични и иницијални, и МВР и Обвинителството, е покрената оваа акција која што е објективна, професионална и во која што нема исклучоци во однос на опфатот, оцени премиерот.
На забелешката на новинарите дека за состојбите на Онкологија се зборува подолго време, како и дека постои Ревизорски извештај кој укажува на многу недоследности на клиниката, а новинарите веќе една година и пол истражуваат, плус дека има изјави на пациенти дека од хемотерапијата не им паднала косата и зошто толку се чекаше, премиерот одговори дека не знае колку министри се смениле, но дека вакви натписи има две децении и повеќе во однос на одредени сомнежи кои што се појавуваат.
„Меѓутоа ова е прв пат да се прави ваква обемна акција во една од клиниките на Клиничкиот центар во Скопје. Реков, одговорноста има име и презиме и врз основа на докази ќе бидат санкционитрани оние кои што ќе бидат идентификувани дека го прекршиле законот, дека ги прекртшиле и етичките и моралните норми за извршување на здравствената дејност“, рече Ковачевски.
Што се однесува до раководната структура на конкретната клиника, во моментов раководи нов директор и нормално тој соработува со истрагата, додаде премиерот.
Со реакција на изјавата на Ковачевски, се јавија од опозициската ВМРО-ДПМНЕ кои преку соопштение велат дека „секогаш кога се случува трагедија и/или се појавува скандал тој излегува во јавноста со изјава од „јас не сум од тука“, „вознемирен и изненаден сум“, како да се работи за аналитичар, а не премиер на државата“.
„Наместо да релативизира и да расфрла пердуви, треба да прифати одгвоорност, затоа што тоа кое што се случувало во клиниката за Онкологија во голем дел се случувало во негово време, во време кога негови министри раководеле со секторот , и во време кога биле именувани во институцијата директори кои се резултат на неговиот коалициски пазар“, веалт од ВМРО-ДПМНЕ.