Ковачевски во Талин се сретна со Калас, премиерката на Естонија


 

Во рамките на учеството на Талинскиот дигитален самит 2023 македонскиот премиер Димитар Ковачевски се сретна со премиерката на Естонија Каја Калас.

На средбата се разговарало за блиските и пријателски односи меѓу Македонија и Естонија, кои и како земји сојузнички во НАТО. Ковачевски се заблагодари за естонската поддршка за евроинтегративниот пат на Северна Македонија, како и за директната поддршка во полето на сајбер безбедноста и дигитализацијата, соопшти владината прес-служба.

Ковачевски ја запознал Калас со статусот во нашата евроинтеграција и претстојните чекори кои земјата треба да ги направи на тој пат. Заемно беше констатирана важноста од забрзување на процесот на приближување како на Македонија, така и на другите земји од регионот кон ЕУ, во светло на новата геополитичка реалност предизвикана од воената агресија на Руската Федерација врз Украина. Како непосреден сосед на Русија, денес повеќе од било кога, Естонија ја истакнува и разбира важноста и силата на трансатлантската врска и европската солидарност, и посакува Македонија што побрзо се најде на истата европска маса заедно со Естонија и другите земји членки на ЕУ. Во таа насока, Калас истакна дека Естонија ќе продолжи со својата гласна и силна поддршка за забрзување на македонскиот пат кон ЕУ и активно да делува со другите земји членки на ЕУ поддржувачи на проширувањето.