Ковачевски: ВМРО-ДПМНЕ на Мицкоски е исто како тоа на Груевски

Проблемот на ВМРО-ДПМНЕ е што политиката на поранешното раководство е пресликана во политиката на актуелното раководство и нема никаква промена во оваа партија, рече во интервју за Националната телевизија претседателот на СДСМ и премиер, Димитар Ковачевски.
„Нема никаква разлика, затоа што ова раководство на ВМРО-ДПМНЕ е само наследство на претходното раководство. Тоа се советниците во кабинетот на поранешниот претседател или претседател на Влада. Исто декларативно се за НАТО и ЕУ, а од друга страна прават се да ги нарушат и внатрешните односи во државата, односно етничките, што можевме да го видиме на протестите при гласањето на европскиот предлог за отпочнување на преговорите со ЕУ. Исто така е и денес. Прво преку поставувањето на анти Уставно прашање за референдум. И второ поддршка на една политичка партија Левица која што има отворена соработка со политички партии од Руската Федерација и која што отворено се залага против членство во НАТО и во ЕУ,„ вели македонскиот премиер и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски.
Во интервјуто за Националната телевизија (МТВ) претседателот Ковачевски ги повикува пратениците во македонското Собрание да делуваат одговорно и врз основа на мандатот кој им е доверен од граѓаните да носат одлуки кои ќе значат напредок на земјата.
„Пратениците го претставуваат народот, тие не претставуваат политичко лидерство бидејќи народот им дава мандат на пратениците во Собранието, и затоа имаат обврска пред своите гласачи да носат одлуки кои што ќе значат просперитет на државата,“ рече Ковачевски.
Според него, ВМРО-ДПМНЕ е против сите стратешки одлуки кои што земјата ги има донесено од своето осамостојување до денес.
„ Значи ако се навратиме на зачленувањето во НАТО, Преспанскиот договор, ако се навратиме на склучувањето на Договорот за добрососедство, на преговарачката рамка секогаш ВМРО-ДПМНЕ е против. Меѓутоа не гласаа против, тие секогаш ја напуштаат Собраниската сала. Секогаш после тоа се затскриваат зад граѓаните со барање на одредени иницијативи, референдуми“, рече Ковачевски.
Според него, од 17 години во кои чекавме почеток на преговори со ЕУ цели 11 години ВМРО-ДПМНЕ беше власт.
„Ако се навратиме назад ние ќе видиме дека 17 години сме чекале за отпочнување на преговорите со ЕУ. Меѓутоа во тие 17 години, 11 години на власт беше ВМРО-ДПМНЕ. Проблемот е што ВМРО-ДПМНЕ и политиката која што ја водеше тоа раководство, а која што политика е пресликана во ова раководство. Јас не повлекувам знак на еднаквост помеѓу раководство на политичка партија и целото членство. Тоа е политика на дисконтинуитет на државата. Значи вие ако ја погледнете политиката која што ја водел претседателот Глигоров, која што ја водел премиерот Кљусев, која што ја водел претседателот Црвенковски, премиерот Георгиевски, претседателот Трајковски и ако ја споредите со политиката на 11те години на Груевски и на Иванов тогаш ќе видите јасна разлика.“ додава Ковачевски.
Тој ги коментираше и случувањата во Град Скопје.
„Парното во Скопје е обврска на градот Скопје. Меѓутоа сите бевме сведоци кога градоначалничката на градот Скопје и нејзината политичка партија која што ја поддржа, ВМРО-ДПМНЕ, со резигнација одбија да управуваат со нешто што е комунална услуга. Државата мораше да преземе бидејќи е одговорна и бидејќи мора да мисли на сите, да го преземе управувањето. Мене сега ми станува јасно зашто тие тоа го одбиле. Затоа што тие не се занимаваат со проблемите на граѓаните. Тие се занимавале со тендери“ рече Ковачевски.
Тој потенцира дека она што се случува во Град Скопје се кавги во ВМРО-ДПМНЕ само за тендери и интереси, додека главните проекти важни за Скопје и скопјани се стопирани.
„Погледнете што се случува во градот Скопје. Градоначалничката на градот Скопје беше кандидат на ВМРО-ДПМНЕ. Бидејќи таа ако не беше кандидат на ВМРО-ДПМНЕ немаше теоретски шанси да победи за градоначалник. На сите митинзи беше промовирана од страна на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ. Цел штаб на ВМРО-ДПМНЕ работеше за неа, каде што трубачи ја чекаа во штабот на ВМРО-ДПМНЕ. Тие всушност што правеле 11 месеци договарале тендери. За кои што самите зборуваат не зборуваме ние од СДСМ што правеле, они самите зборуваа по прес конференции. И на крајот што се случи не можеле да се договорат за провизиите, излегоа на ТВ и сега се караат,“ рече претседателот на СДСМ, Ковачевски.
Ковачевски потенцира дека поради ваквото однесување стопирани се проекти важни за Скопје и скопјани и побара сите преземени обврски да се завршат, во интерес на граѓаните.
„Постојат проекти во Скопје кои се стопирани. За кои има меѓународни кредитори, за кои што државата ќе плаќа пенали. Каде е брзиот автобуски транспорт во Скопје? Проектот не се реализира. Каде е пречистителната станица за која што се расправаат кој колку провизија планирал да земе? И тоа не се реализира. Каде се автобусите кои што ги преговарал претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, пошто нели кажа дека преговарал за автобуси? Па и за фабрика за автобуси. Сега нема ни автобуси, ниту фабрика за автобуси. А ниту имаме проект за бас рапид транспорт. Каде е Универзалната сала? Тоа е проект направен со обезбедено финансирање. Каде е клучката во Момин Поток? Стои недоправена. Зашто? Затоа што тие се занимавале само со тендерите и кој ќе ги земе провизиите,“ рече Ковачевски.
Тој притоа порача дека обврската што ја зеле пред граѓаните треба да ја исполнат или да искочат и да се извинат за се она што ги излажаа.