Ковачевски верува во работните групи за уставните измени
Премиерот сака одлуката за уставните измени, многу важна за европските интеграции, да се донесе заедно
Премиерот Димитар Ковачевски верува дека до заеднички став за уставните измени може да се дојде преку работните групи, иако опозицијата тоа го отфрла. „По средбата со Христијан Мицкоски има добра основа, практично сите работи што беа поставени и беа прифатени се одлична основа за да работата продолжи на оперативно ниво, низ работни групи коишто ќе ги договорат деталите“, рече денеска Ковачевски при посетата на цевководот „Макарија“ што се гради во Росоман.
Според него, ставовите на прес-конференцијата покажаа дека работитите можат да се движат напред. „ВМРО-ДПМНЕ побара да биде дел од Владата, при што беше веднаш понудено братски 50–50 местата на СДСМ да бидат отстапени половина на ВМРО – ДПМНЕ. Претседателот на ВМРО–ДПМНЕ имаше уште еден услов, од нему познати причини, а тоа е ДУИ да не биде дел од Влада која што ќе стапи на функција по отворањето на Уставот и таа желба му беше исполнета од страна на ДУИ. Така што практично сите работи кои што беа поставени беа и прифатени. Сметам дека тоа е одлична основа за да работата продолжи на оперативно ниво, низ работни групи кои што ќе можат да ги договорат деталите“, рече Ковачевски.
Во одговорот Ковачевски додаде дека не сака да верува дека под притисок на Левица, ВМРО-ДПМНЕ повторно ќе се врати чекор назад.
Според него, ВМРО–ДПМНЕ досега зборувал во делот на заштита на идентитет, култура, јазик, односно го плашел народот дека ќе сме го изгубеле. „А се случи токму спротивното“, рече Ковачевски.
„Македонскиот јазик, идентитет, култура, се потврдени на врвно ниво во ЕУ, дополнително и со резолуција на најсилната држава, или една од најсилните држави во Европа и светот. За жал, тие не успеаа, како што не успеаа 11 години, да направат ништо на европски и регионален план за државата, не успеаа ниту минатата недела. Бидејќи токму нивните сестрински партии не ја поддржаа таа резолуција. Тоа значи дека, знаете тие велеа, кога тие ќе дошле ќе преговарале нова преговарачка рамка. Тие не можеа една резолуција да излобираат од 3 пратеника да гласаат во Германија, ќе правеле нова преговарачка рамка“, рече Ковачевски.
Без оглед на сѐ, Ковачевски верува дека одлуката за уставните измени и продолжување на европската иднина треба да се донесе заедно.
„Сметам дека оваа одлука треба да се донесе заедно, а ВМРО–ДПМНЕ се наоѓа во позиција којашто не е најпријатна. Бидејќи таа како голема партија не гласаше ниту една одлука значајна за стратегиските цели на државата. Не го поддржаа ниту договорот со Грција, ниту членство во НАТО, ниту догворот за добрососедство, ниту преговарчаката рамка, ниту договорот со Фронтекс. Навистина е непријатно кога самите не знаат да ги објаснат. На пример, за Фронтекс велат дека не го слушнале ѕвончето (во Собранието). Кога 44 луѓе ќе кажат дека не слушнале ѕвонче, тогаш сфаќате дека се наоѓаат во непријатна ситуација. Но ова е многу важна одлука за државата и таа треба да се направи заедно“, рече Ковачевски.