Ковачевски: Со добра волја ќе има поширока влада

Ако разговорите со Алијанса за Албанците продолжат во добра волја може да се случи проширување на владиното мнозинство, изјави премиерот Димитар Ковачевски откако лидерот на ДУИ, Али Ахмети, викендов потврди дека владините партнери преговараат за влез на Алијанса во Владата. Претходно Ковачевски негираше дека со в.д. претседателот на Алијанса, Арбен Таравари на средбата во петокот разговарале за влез на опозициската партија во Владата, туку дека разговарале само за европската иднина на Македонија.
-Одговорот кој што го даде претседателот на ДУИ, Али Ахмети не се разликува многу од тоа што го дадов јас, од причина што јас кажав дека со партијата Алијанса за Албанците, особено со нејзиниот в.д. претседател Арбен Таравари разговарав за европската иднина на државата и сите одлуки кои што треба да се носат. Кажав дека нашата владина коалиција е отворена за сите партии кои ја делат таа визија и кажав дека разговаравме конкретно за сите закони и реформи кои што се однесуваат на владеењето на правото, борбата против корупцијата и антикризните мерки за справување со оваа огромна економска и енергетска криза. И кажав дека не сме разговарале конкретно за ресори и за преземање на одговорност за конкретни ресори. Но, секако дека разговорите ќе продолжат и ако се усогласиме комплетно за основните принципи за иднината на државата, а во тоа не се сомневам бидејќи АА покажа дека секогаш ги поддржуваше сите одлуки кои се однесуваа за европската иднина на државата, сметам дека во иднина, доколку разговорите продолжат во добра волја и позитивен дух како досега, може да се случи и проширување на владиното мнозинство, рече Ковачевски.
За црвените линии кои ги најави Таравари дека ќе бидат услов за можен влез на Алијанса во владата, премиерот вели дека во секои разговори и преговори нормално е дека секој од учесниците има свои претпоставки врз основа на кои настапува и дека нормално и тој кога разговара за постигнување на одреден договор, има минимум услови коишто треба да бидат исполнети.
За информациите дека Алтернатива се противи на влезот на Алијанса во владата бидејќи таа е стабилна, Ковачевски потврди дека мнозинството е стабилно.
– Со дел од коалициските партнери секојдневно комуницирам, така е и со Алтернатива. Последниот разговор пред да дојдам тука го имав со министерот за здравство Беким Сали. Не сме разговарале, но сметам дека ако сите сме определени за продолжување на патот на државата кон европските интеграции, тогаш мислам дека сите лесно ќе постигнеме согласност ако сите сме определени за продолжување на патот на ЕУ интеграциите – рече Ковачевски.