Ковачевски се сретна со папата Франциско

На средбата беше поздравена отпочнатата иницијатива за потпишување на темелен договор (конкордат) помеѓу Северна Македонија и Светата Столица


 

Премиерот Димитар Ковачевски во придружба на ќерката Тамара Ковачевска и делегацијата на Владата што е во дводневна посета во Рим и Ватикан во рамките на традиционалните свечености во чест на 24 Мај – Денот на сесловенските просветители светите браќа Кирил и Методиј, денеска беше примена од неговата светост папата Франциско.  Ковачевски имаше тет-а-тет средба со папата, по што следуваше приемот на останатите членови на делегацијата.

Премиерот Ковачевски изрази благодарност за посетата на папата на нашата земја во 2019 година, која што беше прва посета на предводник на Римокатоличката црква запишана како историска. За време на разговорот беше истакната улогата на светите браќа Кирил и Методиј кои со својата мисија да го шират христијанството на јазик разбирлив за словенските народи извршија и мисија на поврзување на народите на Европа.

Северна Македонија и Ватикан, беше нагласено на средбата, од воспоставувањето дипломатски односи од пред 28 години, со посветеност и меѓусебно почитување градат пријателство базирано на заеднички историски, културни и верски традиции и значајни ликови како светите браќа Кирил и Методиј и света Мајка Тереза.

На средбата беше поздравена отпочнатата иницијатива за потпишување на темелен договор (конкордат) помеѓу Северна Македонија и Светата Столица, за да се регулира статусот на католичката црква во нашата земја и за унапредување на соработката во областите од взаемен интерес, особено во делот на соработката меѓу образованите институции и архивите на двете земји.

Премиерот Ковачевски истакна дека на огромно негово задоволство со папата Франциско се согласија дека поддршката на најранливите наши сограѓани во време на криза е суштината на нашето делување. Почитувањето на разликите како еден од  столбовите на градењето на општество во кое има место за сите е пресликана во традицијата на меѓурелигиска толеранција, почитување на разни верски убедувања како и негувањето на слободата и демократијата во Република Северна Македонија.

На средбата меѓу Премиерот Ковачевски и македонската делегација со папата Франциско беа споделени пораки за надеж и желба за просперитет во постпандемискиот период, со порака дека плодната соработка со Ватикан ќе се продлабочи бидејќи ги делиме истите вредности на меѓусебно разбирање, поддршка за најранливите, еднаквост, толеранција и човечко достоинство.

Премиерот Ковачевски на папата Франциско му подари рачно изработен фрагмент со калиграфско пишување на рачно изработена хартија од пофалното слово на Свети Климент Охридски, бројаница со традиционален охридски бисер и филигран, како и винил плоча од македонскиот гитарски виртуоз Влатко Стефановски.