Ковачевски разочаран од Сали, можел да направи повеќе за Благојче


Премиерот Димитар Ковачевски  утрово во телефонски разговор со министерот за здравство, Беким Сали го замолил да размисли дали може да го продолжи својот мандат бидејќи не сторил доволно за да ја спречи смртта на Благојче Илијевски, која според него е прерана.

-Прашањето е зошто не направивме? Зошто толку се одложи се откако ветивме, па дури и откако правните и експертските тимови седнаа заедно да најдат решение. Ќе ви кажам најотворено – тоа е нешто што веројатно секој од вас го мисли, но нема можност да го каже, а веројатно и најголем дел од граѓаните го мислат, јас го мислам и имам можност да го кажам.Тоа е поради истите причини од кои нашата земја страда веќе триесет години – комплицирана и неверојатна бирократија. Бирократија која стартно размислува зошто нешто не може да се направи, бирократија која скоро никогаш не размислува зошто нешто треба да се направи, бирократија која очигледно нема ништо против да почека додека граѓаните страдаат. Но, таа  бирократија не се некои луѓе од друга планета, бирократија сме сите ние и редно време е да се соочиме со тоа. Така функционира нашата држава, односно не функционира.Сакам тука пред сите да ви кажам дека утрово разговарав со Сали и му кажав дека за мене оваа ситуација е апсолутно неприфатлива. Зборував и со директорот на Фондот за здравство и со министерот за финансии, рече премиерот.

Тој притоа посочи дека на негова иницијатива и заложба, управниот одбор на Фондот за здравство денеска одржал седница за пренамена на буџетските средства, а ангажирани се и МАЛМЕД веднаш да го регистрираат лекот, додека Бирото за јавни набавки има задача да ги обезбеди сите документи за интервентен увоз на овој лек што го произведува еден производител.

-Не може да чекаат на бесконечни тендери кога се работи за лек што го произведува еден производител. За ова да се спроведе сега јас лично ќе се заложам бидејќи нема време за чекање, реагираше премиерот.

Најави дека денеска ќе оствари средба со Асоцијацијата за цистична фиброза и ќе им ги соопшти точните мерки што ќе бидат преземени. Следува системско решение со цел веќе да не мора да се грижат дали лекот ќе го има во клиниките каде што се лекуваат.

-Тоа значи дека правните и експертски тимови пак ќе седнат заедно денес за да го средат и нема да станат додека не го сменат делот со менувањето на законите, бидејќи државите од регионот ги имаат сменето законите, а не да се оди на тендери. Откако ќе се смени законот, верувам дека ќе имаме долгорочно решение за ова прашање и ќе им го обезбедиме лекот и на останатите пациенти, додаде Ковачевски.

Заклучи дека смртта е нешто што е неизбежно и надвор од наша контрола, но државата мора да преземе поголема одговорност за да го спречи непотребното страдање на кој било граѓанин во државата. Ковачевски не ја исклучува можноста и тој да го разреши Сали од функцијата.

„Јас сум станат денес веројатно најрано откако сум вработен, скоро 23 години. За мене навистина е тажен ден. Не, само за семејството на Благојче кое не го знам, туку и за целата земја. Благојче се бореше до последниот ден со оваа ужасна болест. Тоа е херојска борба. Но за жал на самиот крај, неговото тело не издржа. Најтажно од се е што најверојатно неговата смрт е прерана и можевме да направиме повеќе за да му го продолжиме животот. И можевме уште малку да ја одложиме агонијата на неговото заминување“, кажа Ковачевски.

Тој додаде дека зборел и со директорите на двете клиники каде се лекувал Благојче.

„Сознав дека има пациенти кои се во навистина тешка состојба и на кои лекот ‘трикафра’ нема целосно да им помогне, сепак, тоа не може да го тргне чувството на тага и гнев дека имало и најмала шанса да направиме нешто повеќе за Благојче, рече Ковачевски.

По денешната посетата на Општа болница Струга, прашан дали чуствува одговорност за смртта на младиот битолчанец,  Сали рече дека на време пријавиле и побарале поддршка од Владата и Министерството за финансии, за да одговорат позитивно на барањето за третман на пациентите со цистична фиброза.

– Вчера изразив сочуство до сите членови на Асоцијацијата, со кои сум во постојана комуникација. И они ја знаат мојата спремност за решавање на тој порблем кој за жал беше наталожен од други фактори, а не од Министерството за здравство. Имајќи предвид дека Министерството не ги купува лековите, туку го организаира системот и правно го овозможува давањето ингеренции на установите со што можат да располагаат и како да се организираат, изјави Сали.

Тој посочи дека вршат измени на три закони, кои ќе овозможат директно преговарање со производител на лекови.

– Со денешна одлука на Фондот за здравствено осигурување, а во меѓувреме треба да се одржи и седницата на Управниот одбор, треба да се одлучи за дополнителен буџет кој ќе се одобри на педијатрија за да може да обезбеди лекови „трикафта“ за пациенти кои се во критична состојба, рече Сали.

Според него, осуммина се во критична состојба и уште 22 се во фаза на средно тешка состојба. Претходно, тој на својот фејсбук профил сподели дека денеска се обезбедени 140 милиони денари буџетски средства за набавка на лекот „трикафта“ за осум пациенти со цистична фиброза.