Ковачевски повика да се оди заедно кон прогрес и членство во ЕУ

Свечена академија по повод 8 Септември, Денот на независноста


 

Денес ја имаме најреалната и единствена можност, за брз процес на зачленување во Унијата, во следните неколку години. Ве повикувам сите заедно, да се обединиме околу целта пред нас и да ја сработиме. Заедништвото со кое е постигната независна иднина на Северна Македонија во 91-та година, го има и денес во определба на граѓаните за европска иднина на нашата држава, порача премиерот Димитар Ковачевски на свечената академија, што се одржа вечерва во Филхармонија по повод Денот на независноста – 8 Септември. 

Тој оцени дека денес „кочниците се само во нашите раце и на дел од политичарите тука, во нашата држава“.

„Причините за вакви обиди се поврзани со туѓи интереси за геостратешки позиционирања, различни од македонската евроатлантска стратешка цел. Поврзани се и со популизам за политички предизборни и лични, материјални цели. Политичките раководства, Собранието и народот во нашата држава,  секогаш го правеле потребното. И поради сето ова, така мора да биде и ќе биде и денес“, рече Ковачевски.

Тој повика да се продолжи по зацртаниот пат на напредокот, исто како во 903, 44, 91-та.

„Да не правиме отстапки. Туку прогрес. Да не оставаме никому простор да нè идентификува и да нè става во свој историски контекст. Бидејки имаме своја историја и свој јазик, потврдени на научно, меѓународно ниво. Да продолжиме да се себепотврдуваме во меѓународното семејство на народи и држави, седнати рамноправни на масата во демократските сојузи. Затоа што само така, нашите аргументи, познати на светската наука, ќе бидат познати и за светската политика“, нагласи Ковачевски. 

Ако нешто научивме во овие 32 години, рече премиерот, тоа е дека македонската стабилност е директно поврзана со интеграцијата во демократските системи, НАТО и Европската унија, како и со внатрешната етничка кохезија.  Научивме дека мора да создаваме сојузници, наместо непријатели. И дека мора да дејствуваме заедно и обединети. Искусивме што значат меѓународна изолација и недемократска власт. Видовме што носи меѓуетничката нетрпеливост, којашто што повлекува етноцентрични, популистички и со тоа крајно неодговорни и недржавнички политики, потенцираше Ковачевски. 

Тој истакна дека заедништвото како европска вредност е во македонскиот код и секогаш се издигнувало над раздорот, од каде и да доаѓал.

На академијата, насловена „32 години независност“, присуствуваа членови на Владата, претставници на институции,  на академската заедница, стопанственици, дипломатскиот кор…

Со свечената академија стартуваа активностите што ги организира Владата по повод Денот на независноста, а утре продолжуават со културни манифестации, промоции, спортски активности.