Ковачевски посакува Бугарија да избере Влада ориентирана кон принципите на ЕУ

Како сосед посакуваме Бугарија да избере политичка влада, која што ќе биде стопроцентно ориентирана кон придржување на принципите на ЕУ, кон принципите на проширување на Унијата, на почитување на сите свои соседи и градење на добрососедски односи и со нашата држава и со другите соседи, истакна денеска премиерот Димитар Ковачевски на заедничката прес-конференција во Љубљана со неговиот словенечки колега Роберт Голоб.
Одговарајќи на новинарско прашање за изборите во Бугарија, Ковачевски рече дека Северна Македонја верува дека една европска влада во Софија ќе се залага за сите тие принципи, исто како што Словенија се залага за зачленување на целиот Западен Балкан во ЕУ, бидејќи тоа е единствената алтернатива за економски просперитет на сите граѓани од нашиот регион. Тој истакна дека односите на Северна Македонија со Бугарија се базираат на институционална комуникација.
-Тоа значи комуникација на влада со влада, институции со институции, претседател со претседател…Доколку погледнеме наназад голем број прашања коишто беа од клучно значење за граѓаните и за справувањето со кризата беа направени и со претседателот и Владата на Бугарија, како што беше непреченото снабдување со гас, либерализација на пазарот на снабдување со гас во нашата држава, која што одеше преку Бугарија, непречено функционирање на прекуграничните капацитети за снабдување со електрична енергија во текот на целата зима, во време кога имаше недостиг на електрична енергија, што исто така беше договорено и испочитувано, како и соработката на многу полиња, рече Ковачевски.
Премиерот додаде дека имало еден еден проблем, а тоа е дека во Бугарија немало политичка волја бидејќи подолго време функционираат со влада во технички мандат.
Словенечкиот премиер оцени дека е добро што изборите во Бугарија се зад нас, бидејќи во време на избори не се решаваат чувствителни прашања.
-Моментално Бугарија се уште нема влада, но било која да биде именувана ние ќе имаме дијалог, а тоа е значењето на европските интеграции. И Бугарија и денес е свесна, бидејќи навистина сака да влезе во Шенген зоната, како е кога некој ќе те исклучи од постапката, кога имаш право за понатамошна европска интеграција. Верувам дека ќе има разбирање и за прашањето на Северна Македонија. Мислам дека се работи за јасна порака дека нема друг пат за Бугарија и за Северна Македонија и дека се работи за ист процес и не за два процеса, потенцира словенечкиот премиер.
Тој додаде дека уставните измени, кои се услов за продолжување на преговорите на Северна Македонија со ЕУ, како што бил денеска брифиран на средбите со претставниците на земјава се во насока на подобрување на положбата на малцинствата во државава.
-Бевме информирани дека имате еден од најнапредните системи за заштита на малцинствата во Европа и верувам дека таа информација со задоволство ќе ја шириме во сите европски кругови. Северна Македонија и досега беше меѓу најнапредните, ако не е и најнапредна ,а земјата сака да остане на тој пат. Истовремено, што со тоа ќе стапи во полноправно членство во ЕУ тие малцинства ќе добијат пристап кон своите матични држави, рече Голоб.
Ковачевски, пак, истакна дека Европа се наоѓа во исклучително деликатен и единствен геополитички момент, по руската агресија врз Украина, а Северна Македонија уште од првиот ден се поставила на линија на надворешната политика на ЕУ и како членка на НАТО учествувала во поддршката на демократска независна држава, која што е нападната од страна на поголема соседна држава. Тоа, додаде тој, само покажува дека Северна Македонија како и секогаш е на вистинската страна на историјата.
-Ние сме Влада која што во изминатите пет години ги затвори сите отворени прашања со соседните држави. Ако ги погледнете нашите односи со соседна Албанија, тоа се односи во коишто нема отворени прашања. Ако ги погледнете односите со Србија, и последното големо прашање кое што постоеше помеѓу Северна Македонија и Србија е решено со признавањето и примањето во канонско единство на МПЦ од страна на СПЦ. И вчера заради тоа заедно со премиерот на Албанија и претседателот на Србија, заедно како држави членки на Отворен Балкан којшто се базира на истите принципи како и ЕУ и е насочен кон економска соработка и интеграција на трите земји во ЕУ, можевме заедно да присуствуваме на најголемиот саем во Италија, што не би било можно доколку се обидовме да присуствуваме сами. Со Грција исто така односите се на исклучително високо ниво, рече Ковачевски. Притоа тој ги спомена и Охридскиот рамковен договор, со кој се обезбеди функционална мултиетничка демократија, Преспанскиот договор, кој ги отвори вратите за членство во НАТО, како и прифаќањето на европскиот предлог врз основа на Договорот за добрососедство со Бугарија за отпочнување на преговорите со ЕУ.
-И од тука излеговме посилни, бидејќи после 17 години чекање Северна Македонија ги започна преговорите со ЕУ и скрининг процесот којшто 17 години беше ставен на чекање заради тоа што државата ја водеа политичари кои немаа храброст да донесат државничка и визионерска одлука. Она што е пред нас е носење на уставни измени коишто се дел од обврските во преговарачката рамка и јас велам – кога и нив ќе ги донесеме- државата повторно ќе излезе и посилна и како победник, затоа што потоа автоматски продолжува втората меѓувладина конференција – отворање на кластерите, реформите во општеството и полноправно зачленување во ЕУ, за што поддршка имаме од сите земји членки на ЕУ, рече Ковачевски во Љубљана.