Ковачевски под силен притисок од партнерите ЛДП, ДОМ и ДС да го отфрли францускиот предлог

Маневарскиот простор на премиерот е стеснет по реакциите на коалициските партнери во владата


 

Премиерот Димитар Ковачевски замина во Брисел на самитот ЕУ-Западен Балкан испратен со силен притисок од три помали партнери во владината коалиција – или да го отфрли францускиот предлог или ќе ја напуштат владата. Заедно со острите реакции на главната опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, како и на голем дел од јавноста, тоа го стеснува маневарскиот простор на Ковачевски.

Демократската обнова на Македонија (ДОМ) објави дека ќе ја напушти Владата ако се прифати францускиот предлог. Ваквата одлука, како што информираа вечерва од партијата, била донесена на денешниот состанок на Извршниот одбор во проширен состав.

„Раководството на ДОМ едногласно донесе став дека овој предлог е неприфатлив и Владата треба да го отфрли. Отворените прашања со Бугарија треба билатерално да се решаваат во добра волја, взаемна почит и согласно европските вредности. ДОМ останува на ставот дека за македонскиот јазик и идентитет не смее да се преговара. Доколку Владата го прифати овој т.н. француски предлог, ДОМ ќе ја напушти Владата и парламентарното мнозинство“, се вели во соопштението од ДОМ.

Од ДОМ сметаат дека овој предлог ќе го претвори пристапниот процес за членство на земјава во ЕУ во бескрајна агонија и го доведува во неизвесност и самото започнување на преговорите.

Претходно, ЛДП соопшти дека ќе побара од премиерот да го разгледа официјалниот предлог во Владата и во Собранието и за него да се отвори расправа на која ќе се разгледа колку е тој прифатлив за Македонија. „Ќе им бидат доставени сите суштински забелешки на ЛДП и ќе се борат во институциите да ги исполнат нашите барања и да ги заштитат интересите на Македонија. Ако не успееме во тоа, нашето учество во Владата е беспредметно. Притоа ги забележавме сите спорни точки од договорот кои кружат во јавноста“, соопштија од партијата.

Генералниот секретар на Демократскиот сојуз и заменик-министер за локална самоуправа Зоран Димитриевски вечерва во емисијата „Топ тема“ на Телма најави дека ДС ќе ја напушти владината коалиција доколку биде прифатен францускиот предлог.

Димитриевски прашан дали ќе излезат од Владата доколку таа го прифати францускиот предлог одговори потврдно. „Кратко речено ‘да’. Затоа го охрабрувам премиерот утре или кога ќе оди во Брисел да каже ‘не’ за овој предлог. Доколку каже ‘да’ и доколу рамката помине и ја одржиме првата конференција со сликање, Демократскиот сојуз ќе ја напушти Владата“, рече Димитриевски.

Ковачевски пред заминувањето во Брисел на својата Фејсбук страница уште еднаш рече дека Владата формално нема добиено предлог кој е усогласен на ниво на сите 27 земји-членки, како и оти секое решение ќе треба да е консултирано со институциите на Република Северна Македонија.

„Каков и да биде конечниот усогласен текст на францускиот предлог, за тој да биде прифатлив за нас, клучни се следниве елементи – чиста формулација за македонскиот јазик во преговарачката рамка и јасна заштита на македонскиот идентитет; историските прашања не можат да бидат критериуми во преговарачката рамка“, вели Ковачевски на Фејсбук.

Премиерот наведува дека преговорите помеѓу Македонија и ЕУ мора да почнат пред отпочнувањето на постапката за уставните измени за вклучување на Бугарите, Хрватите и Црногорците во преамбулата на Уставот.

Тој додаде дека мора да има „цврсти гаранции и од Бугарија и од Европската унија дека Бугарија нема да условува со нови барања, надвор од она што ќе биде договорено во преговарачката рамка и билатералниот протокол кој сѐ уште не е усогласен со Бугарија“.

Инаку, јавноста е преполна со шпекулации, а една од нив е дека со протоколот наводно било усогласено дека на Самоуловата крепост во Охрид ќе била заеднички поставена плоча во која двете земји потврдуваат оти Самуил е бугарски цар. И дека тоа веќе било усогласено во Историската комисија. Вечерва „360 степени“ го објави усогласениот став за Самуил во Историската комисија и тој е поинаков од приказните што се шират.

Во тој усогласен текст пишува, според факсимилот до кој имале пристап од „360 степени“:

„Цар Самоил е владетел на голема средновековна држава, која што поголемиот дел од современата историска наука ја смета за Бугарско царство со центар во територијата на денешна Република Северна Македонија. Тоа опфаќа значителен дел од земјите и населението на Балканскиот Полуостров. Цар Самоил и неговата драматична судбина се симбол на заедничката историја, која што се споделува од двете современи држави Р Северна Македонија и Р Бугарија. Заедничката комисија им предлага на двете влади, во духот на потпишаниот двостран Договор, одбележувањето на цар Самоил да биде знак на споделени вредности и вистинско добрососедство и пријателство“. (Н.В.)