Ковачевски: Отворен Балкан веќе дава резултати

„Тука сме заради поголема соработка и инвестиции“, рече Ковачевски нагласувајќи дека иницијативата има поддршка од деловните заедници во сите три земји


Премиерот Димитар Ковачевски го отвори самитот Отворен Балкан во Охрид, на кој за првпат учествуваат и лидерите на Црна Гора и на БиХ како посматрачи. Неговата клучна порака беше дека иницијативата Отворен Балкан веќе дава резултати и дека сите што учествуваат во неа се уверени дека таа ќе станува се поатрактивна. Како постигнувања тој спомена неколку нешта:

„Зелената лента на Кафасан и на Табановце овозможи побрз проток на земјоделските производи. Чекањето на камионите на граничните премини е намалено, но може да биде уште повеќе со дополнително намалување на бирократските процедури и со зголемена доверба и соработка на трите држави“, рече Ковачевски.

Предобивка, според него, е исто така што минатото лето соседите ни помагаа во гасењето на пожарите, а дека трите земји се упатени една на друга околу економската, енергетската и здравствената криза. „Тука сме заради поголема соработка и инвестиции“, рече Ковачевски нагласувајќи дека иницијативата има поддршка од деловните заедници во сите три земји.

Според него, овој самит ќе не однесе уште подалеку во соработката, и тоа со крупен чекор. Како аргумент го наведе потпишувањето на четирите меморандуми со кои ќе се признаат меѓусебно дипломите, со што ќе се создаде заеднички пазар на трудот и младите ќе се задржат во регионот место да бегаат, како сега. Со вториот меморандум што ќе биде потпишан денес Западниот Балкан заеднички ќе се промовира како туристичка дестинација, а со меморандумот за соработка во културата ќе се подготви заеднички календар на културни настани.

„ Очекувам да се зголеми бројот на фестивали во регионот , а Егзит да го видиме и во Македонија и во Албанија“, порача Ковачевски. Најавувајќи го потпишувањето на меморандумот за соработка на даночните администрации тој заклучи дека „ова е европеизацијата за која зборуваме толку многу“.

„Нашата политичка цел е јасна, Западниот Балкан мора да стане дел од ЕУ. Европски е да си помагаме, а не да се закочуваме меѓу себе. Од исклучително значење е земјите членки на Унијата да сфатат дека прашањето со проширувањето на Западен Балкан станува безбедносно. Бараме од нив да ја поддржат иницијативата“, рече Ковачевски додавајќи дека Отворен Балкан е за меѓусебно олеснување, помагање и пријателство. Потоа им се обрати на тие што се уште се колебаат со зборовите – „другари и другари, браќа и сестри, приклучете се“.

Со поздравни говори и со желби за успешна работа, пред учесниците и гостите на самитот се обратија и лидерите на Србија,  на Албанија, на  Црна Гора, Дритан Абазовиќ и  претседавачот на Советот на министри на БиХ. Работата на самитот на Отворен Балкан ја поздравија и комесарот за европска соседска политика и преговори за  проширување на Европската Унија Оливер Вархеји и Габриел Ескобар, заменик-помошник државен секретар на САД, специјален пратеник за Западен Балкан, кој се обрати преку видео конференциска врска.

Во продолжение е целиот говор на премиерот Ковачевски: 

„Добредојдовте во македонскиот и балкански бисер Охрид, добредојдовте во Северна Македонија, една од државите носители и промотори на иницијативата Отворен Балкан.

Ова е време на големи предизвици кои бараат храбри одлуки и заедништво. Иницијативата Отворен Балкан е наша заложба за стабилен регион, владеење на мир, за соработка и за економски развој – ова е нашата заложба за подобар живот на нашите народи. Наша автохтона иницијатива за европеизација на регионот.

Отворен Балкан веќе ги дава првите резултати за граѓаните и за стопанствениците. Зелената лента за транспортни возила на граничните премини Ќафасан и Табановце овозможува значително побрз проток на камионите кои превезуваат  земјоделски производи или храна. Внимателно следиме како се одвива протокот, дали и каде им застој. Нашите институции се во постојана комуникација со крајна цел на овие зелени ленти целосно да ги отстраниме меѓуграничните рампи и бариери. Знам дека чекањето на камионите е намалено, но знам дека можеме уште подобро и за тоа се залагаме заедно, преку намалување на контролите и бирократијата и преку зголемување на довербата меѓу институциите на трите држави.

Бенефитите од Отворен Балкан и меѓусебното помагање меѓу државите и народи ние го осетивме уште летоска. Како резултат на Договорот за заедничко дејствување за време на природни и други катастрофи, соседите на Северна Македонија ѝ помогнаа во интервенција на пожарите кои ја зафатија нашата земја минатото лето.

Цела Европа, и ние земјите од регионот, се соочуваме со сериозни последици од воената, енергетската, економската и здравствената криза. Во вакви услови ние сме си природно упатени едни на други. Конечно, ние се разбираме, се помагаме едни со други и најважно, после долго време, имаме заедничка цел: Заедно да одиме напред!

Сега уште појасни и поаргументирани се придобивките од слободниот проток на капитал, луѓе, стоки и услуги. Ние сме тука пред се заради подобрување на  конкурентноста, нови инвестиции, поголем пазар, мобилност и развој на бизнисите во регионот. Ние сме тука заради подобар стандард и квалитет на живот на сите наши граѓани од целиот Балкан.

Отворен Балкан, како ново, амбициозно и динамично регионално поврзување доби силна и едногласна поддршка од деловните заедници на сите земји од Западен Балкан. Тие се согласија дека Отворен Балкан е платформата која му е потребна на регионот. Им благодарам на стопанските комори што се нашиот ветер во грб, наш партнер и мотиватор, што многу добро знаат да пофалат кога добро работиме, но и да најдат соодветен начин на критика за да се подобруваме онаму кајшто можеби сме забавиле.

Овој самит не носи уште понапред во нашата соработка. Во нашиот фокус се соработките, меѓусебните размени, отстранувањето на бариерите, доближувањето на нашите народи.
Одиме понатаму со крупни чекори. Денеска ќе потпишеме нови договори и меморандуми за соработка.

Со взаемното признавање на дипломи и научни звања издадени во високообразовните и другите овластени институции во трите земји, ќе ја забрзаме постапката за создавање единствен заеднички пазар на трудот. Недостатоците од работна сила најпрво ќе си ги надополнуваме меѓусебно, што е причина повеќе младите да ни бидат тука, да не ни бегаат по светот.

Денес отвораме и ново поглавје во нашата соработка во областа туризам. Отворен Балкан заеднички ќе го промовираме како регионална атрактивна туристичка дестинација.Имаме на светот да му ги понудиме дел од најубавите мориња на Медитеранот благодарение на богатството на Албанија. Планините и прочуениот селски туризам на Србија. Македонските езерски пејзажи и убавите зелени планини. Овие убавини ќе му ги понудиме на светот, но пред се ќе овозможиме нашите граѓани да ги уживаат преку најповолни услови.

Денес лансираме нова соработка и во областа култура. Се договоривме за креирање Заеднички календар на културни настани што ќе донесе поголема мобилност на публиката и ќе ја поттикне културната размена. Очекувам да го зголемиме бројот на фестивалски настани во регионот, што ќе значи повеќе содржина за нашите граѓани и поголема атрактивност на регионот. Очекувам еден ЕГЗИТ да го видиме во Северна Македонија и во Албанија. Очекувам седум-осминскиот македонски такт да се слуша се почесто и во Белград и во Тирана. Очекуваме што е можно повеќе Срби и Македонци да ја посетат Тирана, европската младинска престолнина за 2022 година.

На овој Самит ќе се потпише и Меморандумот за разбирање за соработка на даночните администрации меѓу земјите од регионот со што создаваме нова можност за полесно прекугранично движење на луѓе, стоки или услуги. Ова е европеизацијата за која зборуваме. Ова се конкретни чекори кон етаблирање на вредностите и практиките во Европската Унија. Остваруваме нешто што е вообичаена и нормална пракса во ЕУ врз основа на заеднички договори на нејзините земји членки.

Нашата политичка цел е јасна и единствена – Западен Балкан мора да стане дел од Европската Унија. Местото на секоја земја од регионот е во Европската Унија. По тој пат одиме. Заедно се европеизираме. Земјите од Западниот Балкан се тесно поврзани. Кога има напредок во една земја, тоа е поттик за напредок кај другите соседи. Европски е да се помагаме, а не да се кочиме и блокираме.

Драгоценото време треба да го користиме поефикасно. Војната која се случува во Украина, е ризик за зголемено влијание на трети страни во регионот. Затоа сите мораме да бидеме исклучително внимателни и подготвени. Оставањето геостратегиска празнина во нашиот дел од Европа не е опција. Ние сме тие што мораме да ја пополниме таа празнина и затоа постои Отворен Балкан што е наша, автохтона, органска иницијатива создадена од нашите институции, сериозно поддржана од сите народи и етникуми кои живеат во нашите држави. 
Ние денес, од тука, од Отворен Балкан испраќаме јасна порака:

Од исклучителна важност е Европската Унија и земјите членки максимално одговорно да прифатат дека проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан сега веќе е и стратешко и безбедносно прашање. Интеграцијата значи заедничка посветеност за изградба на силна, стабилна и обединета Европа, како дом на демократски и цивилизациски вредности и сили.

Нашата визија за Балканот во 21 век е визија за напреден регион интегриран во Европа каде мирот, стабилноста и развојот веќе никој не ги доведува во прашање. Ние дејствуваме прагматично и економски и со тоа ќе создадеме услови за големи инвестиции во нашиот регион, а тоа ќе значи повеќе работа и подобро платена работа за нашите млади. и нашите граѓани. Бараме ЕУ да го поддржи овој наш напор и да го препознае како инспирација за решавање на сопствените проблеми.

Сите ние во Отворен Балкан сме уверени дека оваа иницијатива ќе станува сѐ поатрактивна.
Денеска заедно со нас се и премиерот на Црна Гора Абазовиќ и претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина Тегелтија. Поканата за премиерот на Косово, останува отворена. Јас сум убеден дека бенефитите од Отворен Балкан ги заслужуваат и дека ќе ги добијат и граѓаните на Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово и верувам дека овој самит ќе донесе позитивен пресврт кога е во прашање проширувањето на Отворен Балкан.

Отворен Балкан е за интеграција. За отворени можности. За слобода. Отворен Балкан е за олеснување, помагање, пријателство. Драги пријатели и пријателки од Црна Гора, БиХ и Косово, другари и другарки, браќа и сестри – приклучете ни се, заедно можеме повеќе, за нас и нашите деца. Нека ни е со успех, да растеме заедно со успесите и со придобивките за нашите граѓани.“