Ковачевски: Отворен Балкан се покажа успешен и европски

Иницијативата Отворен Балкан се покажа успешна и европска. Наскоро очекувам да се приклучат Турција, Унгарија и Грција, порача премиерот Димитар Ковачевски, на денешниот самит на Отворен Балкан, што се одржува во Белград.
– Ако сите правевме одвоени саеми никогаш немаше да бидат успешни како овој што го направивме заедно, со толку многу излагачи на едно место – порача Ковачевски во обраќањето, осврнувајќи се на саемот „Винска визија на Отворен Балкан’, што беше отврен вчера, а ќе трае до недела.
Ковачевски рече дека никако не може да разбере дека претставници на држави кои меѓу себе немаат граници финансираат проекти за подобро гранично управување во нашиот регион. Македонија, Србија и Албанија мора да имаат граници преку кои стопроцентно комуницираат меѓу себе, смета Ковачевски.

– Ние сме веројатно единствениот регион во светот кој има граници меѓу себе. Сметам дека наша цел треба да биде комплетно укинување не само на административните бариери на границите меѓу Србија, Северна Македонија и Албанија, туку и комплетно кревање на рампите и правење регион кој стопроцентно комуницира помеѓу себе по сите основи, подвлече Ковачевски.
– Со договорите што ќе ги потпишеме денеска ќе се обврземе за достапност на храна до нашите граѓани, прво меѓу себе да си помогнеме секаде каде што е потребно. Добро е што на овој самит ги договараме можностите за соработка и во областа на енергетиката. Постојат потенцијали за рехабилитирање на интерконекциските врски, за зголемување на можностите за електроенергетска размена и за соработка во делот на изградба на фотонапонски централи, рече Ковачевски додавајќи дека во наредниот период треба да се интензивираат активностите за реализација на гасната интерконекција со Република Србија.
На овој самит, како што информира премиерот, ќе се потпише и договор за оперативен план за справување со катастрофи со кој ќе се овозможи олеснување на процедурите и скратување на времето потребно за помош таму каде што е најпотребно. Со потпишување на меморандумот за разбирање и соработка во областа на кинематографијата и аудиовизуелните дејности меѓу трите држави, според Ковачевски, ќе се поттикнат инвцестиции во кинематографскиот и аудиовизуелниот сектор.

На самитот „Отворен Балкан” поздравни обраќања имаа и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, премиерот на Албанија, Еди Рама, но и Дритан Абазовиќ премиерот на Црна Гора и Зоран Тегелтија од БиХ.
На самитот дел од ресорните министерства на трите држави ќе потпишат договори меморандуми за соработка и тоа: Договори за соработка во областа на механизмите за обезбедување на храна во Западен Балкан помеѓу министрите за земјоделство на трите држави; Меморандум за разбирање и соработка во областа на кинематографијата и аудиовизуелните дејности помеѓу министрите за култура и Оперативен план во областа на цивилната заштита помеѓу директорите на трите држави.